Откажан самитот на Бајден со арапските лидери


Откако Јордан ја откажа планираната средба со американскиот претседател Џо Бајден, јорданските власти ги објавија причините за откажување на средбата.

Покрај средбата со јорданските власти, Бајден требаше да се сретне и со египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси, но и со палестинскиот претседател Махмуд Абас. Сепак, постојат шанси Бајден да не се сретне ниту со овие функционери.

„По консултациите со нашите палестински и египетски браќа и по разговорите со Американците, решивме да не го одржуваме овој самит. Нашата цел е од овој самит, доколку се одржи, да произведеме едно решение, а тоа е да прекине војната, почитувајќи ја хуманоста на Палестинците и давајќи им помош што ја заслужуваат“, изјави јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Ал-Сафади.

Тој се осврна и на експлозијата во болницата во Газа.

„Неодржувањето на самитот се должи и на тековниот израелски масакр врз палестинскиот народ во Појасот Газа, чијшто последен напад вклучуваше бомбардирање болница. Тоа беше шок за сите и не може да се толерира“, рече министерот.

На крајот рече дека средбите засега не можат да придонесат за решавање на проблемот.

„Планираниот самит засега не можеше да ја запре војната“, заклучи тој.