Откако жителите се заканија со радикализација, Град Скопје започна да ја реконструира улицата во Волково


По острите реакции на жителите, Град Скопје под раководство на Данела Арсвоска започна со реконструкција на улицата која води до Волково.

По реакциите на граѓаните и известувањата на медиумите за главната улица која ги поврзува Ново Село со Волково, а која девет месеци стои раскопана, од вчераутро екипи на ЈП „Улици и патишта“ почнаа со нејзино санирање.

Улицата беше раскопана и со дупки повеќе од девет месеци по поставување на атмосферска канализација. Сега, поставена е табла на која стои дека изведувач на работите е Јавното претпријатие „Улици и патишта“.

Бројна механизација е на терен која работи на целосна реконструкција на улицата која води кон Волково, со цел решавање на проблемот на ова, но и на останатите населени места.

Од иницијативата за „Спас на Волково“ се задоволни што конечно почнал да им се решава проблемот. Велат дека очекуваат целосна реконструкција и изградба на нова, квалитетна улица, а не само привремено пополнување на дупките. Истовремено, апелираа до сите политички партии да не го злоупотребуваат овој проблем за постигнување политички поени.

Инаку, улуцата беше раскопана откако уште лани во септември заврши втората фаза од изградбата на новата атмосферска канализација на улицата. Оттогаш, улицата остана нецелосно санирана на едниот дел, што ја загрози безбедноста во сообраќајот и ги револтираше жителите на околните населени места.

Од Град Скопје вчера објаснуваа дека се доцнело поради тоа што се чекала дозвола од МВР за времен сообраќаен режим.