ОТА од утре останува без директор, Собранието допрва распишува оглас


Сѐ уште актуелниот директор на Оперативно – техничката агенција, Зоран Ангеловски, чиј мандат завршува утре, вчера ги повика медиумите на прес-конференција која требаше да се одржи денеска во единаесет часот пред Собранието, но денеска беше откажана поради неодложни обврски на Ангеловски.

– Ве известуваме дека поради итни и неодложни работи, најавената прес конференција на директорот на ОТА пред Собранието на РСМ во 11 часот се одложува на неопределено време – стои во пораката до медиумите.

Наследник за Ангеловски сѐ уште не е избран, така што останува отворено прашањето – кој и како од петок ќе управува со институцијата кај која е опремата за следење на комуникациите и каде се активираат судските наредби за оваа посебна истражна мерка.

Собранието со 83 гласа „за“ вчера донесе одлука за распишување оглас за нов директор на ОТА, а од Делегацијата на ЕУ побараа властите да обезбедат континуитет во работењето на агенцијата.

Ангеловски за раководител на оваа важна институција со двотретинско мнозинство во Собранието, беше назначен на 7 септември 2018 година.

Неговиот петгодишен мандат според Законот за ОТА е без право на реизбор.

На 10 мај годинава, на 115 пленарна седница на Собранието, дојде предлог на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, Игор Јанушев, и на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, по скратена постапка да се донесат измени на Законот за ОТА. Тие предвидуваа мандатот на директорот да трае пет години или до изборот на нов директор (за да се обезбеди континуитет во функционирањето).

Потребата од носење на измените и дополнувањата по скратена постапка беа изгласани со двотретинско мнозинство – „за“ гласале 84 пратеници, „против“ биле двајца, а воздржани немало. Откако собранскиот спикер констатирал дека предлогот е усвоен, ги задолжил Комисијата за одбрана и бездбедност, како матично тело, и Законодавно-правната комисија да расправаат по предлогот во рамките на собраниската процедура.

Но, предложените измени никогаш не беа вратени повторно на пленарна седница и не се изгласани.

Оперативно-техничката агенција (ОТА) како самостоен и независен државен орган беше формирана по реформите во безбедносно-разузнавачкиот сектор, односно поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК) по скандалот со масовното прислушување и Извештајот на експертската група на Европската комисија (ЕК) на чело со Рајнхард Прибе.

Со серија законски измени што ги уредуваа овие прашања и за кои беше потребно двотретинско мнозинство, УБК доби свој наследник во Агенцијата за национална безбедност (АНБ), која задржа (голем) дел од надлежностите, додека ингеренциите врз опремата и уредите за прислушување преминаа во ОТА.