ОТА негира дека било кога купила или користела „Предатор“

Оперативно техничката агенција ОТА негира дека било кога купила или користела шпионски софтвер „Предаток“ кој стана актуелен од вчера откако САД ја ставија на црна листа македонската компанија „Сајтрокс“.
-За жал, и покрај јавните објави и деманти од страна на ОТА, продолжува трендот на манипулирање на јавноста со свесно креирање и објавување на невистинити содржини од страна на политички центри на моќ и нивно пласирање во дел од медиумите. Во оваа прилика уште еднаш повторуваме и со сигурност уверуваме дека од страна на ОТА не е набавен, не се користел ниту се користи споменатиот софтвер „Предатор“ и малициозна е намерата да се направи било каква поврзаност на ОТА со настаните во Грција, а особено кога истото е веќе јавно демантирано.
По спроведувањето на реформите во делот на следењето на комуникациите и формирањето на ОТА како самостоен и независен државен орган, основна мисија и цел на ОТА е придонесување кон враќање на изгубената доверба на јавноста кон еден особено чувствителен институционален сегмент. Во таа насока ОТА посветено работи на воспоставување на законски, безбеден, ефикасен и контолабилен систем за следење на комуникациите. Со воспоставените механизми на заштита од страна на ОТА, следењето на комуникации без издадена судска наредба во Република Северна Македонија е минато и масовно следење не е и нема да биде возможно.
Во насока на заштита на јавниот интерес, апелираме на одговорно постапување од страна на сите чинители, како и на промптно институционално постапување за што веќе е известено Јавното обвинителство, стои во реакцијата на ОТА по ваквите тврдења од ВМРО-ДПМНЕ.