Осум патници извисиле поради двојни билети на „Визер“
Осум патници извисиле на саботниот лет од Берлин за Скопје. Нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ на патнициte со регуларни резервации им рекла дека не може да влезат во авионот затоа што нема место. А меѓу осумтемина имало и лица со дипломатски пасоши.
„На аеродромот ‘Шенефелд’ имаа проблем мојата сопруга, која има дипломатски пасош, една нејзина колешка и уште шестмина други патници. И ова не е прв пат. Осум патници со регуларно платени билети се покажа дека се вишок. Зошто? Затоа што ‘Визер’ имал политика да им откажува на тие што се чекираат последни, во случај кога сите што купиле карта ќе се пријават на летот“, вели сопругот на една патничка.
Патничката го чекирала билетот во петокот, но авионот на саботниот лет бил преполн. Била заедно со ќерката и сопругот. На ќерката, која имала резервација уште од Скопје, ѝ рекле дека е на списокот на патници и ѝ дозволиле да влезе во авион, но на неговата сопруга не. Исто како и на нејзината колешка.
„И двете покажаа дипломатски пасош. Бадијала. Им рекоа дека сè ќе им биде компензирано и ќе ги вратат со следниот лет. Но тој лет е во вторник. А сопругата треба да се јави на работа в понеделник. Многу непријатна работа. Немаше претставник на ‘Визер’ на аеродромот, немаше каде да се обратиме. Багажот, заедно со оној на ќерката, ѝ беше пуштен за Скопје, а таа остана во Берлин, без ништо. А Берлин не е Скопје, ништо не работи во недела. Среќа, ги земаа од Амбасада, замислете да требаше да плаќаат хотел“, вели сопругот.
По цела ноќ барање билети, нашле за враќање в недела, но само до Приштина. Сопругот вели дека ова малтретирање со ништо не се плаќа.
„Авионот доцнеше поради тие осум патници, а ќерката праша каде да се јави за да се информира, и ѝ рекоа само преку мејл. Ние често патуваме и ова не е редок случај на двојни билети. А одговорот од ‘Визер’, ако некако дојдете до него е – сè ќе ви биде рефундирано. А по меѓународна конвенција може максимум 250-300 евра да добиете. Сметајте, тие да немаа каде да се сместат, што ќе беше“, вели нашиот соговорник.
Тој е иритиран зошто не бил почитуван дипломатскиот статус.
„И на самиот пасош пишува дека по Виенска конвенција на лицето треба да му биде овозможен непречен проток“, укажува сопругот опишувајќи дека авионот со 200 патници бил како градски автобус.
„Авионите на ‘Визер’ за Берлин, за Виена се преполни. Дури полошо е од градски автобус. На аеродромот ‘Шенефелд’ нема време да се исчисти внатре. А картите полека-полека, со доплатите за седиште, за куфер се накачуваат до 120-140 евра, и не се многу нискобуџетни. Не е работата еден-два часа да издржите во авион, на крајот, вие плаќате, не летате за џабе. Лани исто, шест часа доцнеше на полетувањето од Скопје за Братислава, па преку адвокати земавме пари, по европска конвенција. Не е проблем за патниците од Скопје, ама оние од други градови што да прават со часови на скопскиот аеродром. И сè ова со авиокомпанија што функционира како неформален национален авиопревозник. Мора да има човек за грижа за корисници. Не може да се насочуваат патниците исклучиво по мејл-комуникација“, забележува сопругот.
Практиката кој чекирал последен, прв испаѓа кога авионот е полн, се јавува во услови кога со „Визер“ од Македонија само од јануари до март оваа година летале 324.000 патници. На македонскиот пазар „Визер“ покрива над 67 отсто од сите дојдовни и појдовни летови. Компанијата добива субвенции за летовите, платени со парите од даночните обврзници.
Со третиот договор за субвенционирање на летовите, државата на „Визер“ ќе му исплати 5 милиони евра за период од 2019 до 2022 година. Во нив влегуваат еднократна помош од 40.000 евра за секоја нова дестинација од Скопје, 9 евра по патник во првата година од договорот, 8 евра во втората година, а по 7 во третата. За секоја нова дестинација од Охрид поддршката ќе биде 13 евра по патник во првата година, 12 евра во втората и 11 во третата година.
Авиокомпанијата вчера не одговори на прашањата за случајот. (А.С)
Фото: Б. Грданоски