Осудениците ќе добијат електронски алки, Пандов прв ја носи на нога


Директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов најави дека во функција се ставаат електронските алки односно можноста во Македонија да има затвореници во куќен затвор кои ќе бидат под електронски надзор.

Според него, ова е голема работа со оглед дека во затворите низ земјава има 2.300 затвореници и 400 притвореници. Во дел од затворите има над 100% исполнетост на капацитетот и оттаму основната намена на алките е да се намали затворската популација.

Во моментов, 60 лица се апликативни кои треба да добијат алки. Постојат два начини за добивање – самите затвореници преку нивните адвокати или самите затвори.

-Позитивните закони овозможуваат на три категории затвореници да имаат алки – на стари и изнемоштени лица, бремени жени или мајки со мали дечиња или на тешко болни и лица со инвалидитет. Самите затвори можат да побараат за одредена категорија на осуденици, кажа Пандов на прес-конференција и информира дека кај него на нога веќе има една алка која се тестира. Додаде дека алката функционира.

Според него, Управата за санкции формирало одделение за електронски надзор. Ако се оддалечиш од периметарот или ако го мрдате рутерот, алката покажува црвено и сигнализира. Од УИС потоа се јавуваат на осуденото лице затоа што во секој рутер има сим-картичка.

-Ако тој не се јави, има право на едно негово блиско лице кое може да се јави. Ако и тој не се јави, се јавуваме во полиција. Верувам дека човек кој што ќе добие алка дека нема да си дозволи да ја злоупотребува, прецизира Пандов кој информира и дека еден затвореник ја чини државата над 2.000 денари дневно.

Министерот за правда Игор Филков кој присуствуваше на промоција на надградениот систем за електронски надзор во тренинг центарот на КПД Идризово, смета дека овој процес кој е резултат на сериозна работа и посветеност на Министерството за правда, Управата за извршување на санкциите и поддршката од нашите партнери, претставува чекор напред во реализацијата на европските стандарди за извршување на казните и унапредување на човековите права.

,,Електронските алки не се само технолошки уреди – тие се алатка за реформа.Тие се симбол на една нова, современа пробациска политика. Преку нивното користење, овозможуваме:

  • Алтернатива на затворот,
  • Намалување на пренатрупаноста во казнено-поправните установи,
  • Подобра ресоцијализација и
  • Поголема безбедност за граѓаните.

Ова не е само техничка надградба – тоа е јасна определба дека правдата може да се спроведува со достоинство и почитување на човековите права”,истакна министерот Филков.

Дополнително, со  новиот Закон за пробација, чиј предлог е веќе подготвен во Министерството за правда, многу скоро ќе биде објавен на ЕНЕР, воспоставуваме правна рамка која овозможува поширока примена на куќен притвор, условен отпуст и ресторативна правда, сето тоа под буден, но хуман надзор.

,, Со тоа,ги охрабруваме надлежните да пристапат кон пробацијата многу похрабро за во иднина заеднички да ја отстраниме црната дамка која што беше фрлена досега на изречените мерки- куќен притвор. Довербата и сигурноста во системот мораме да ги вратиме.

Ќе продолжиме да работиме на реформи кои носат вистинска промена, и ќе изградиме правосудство кое е достапно, правично и во служба на граѓаните,”порача министерот за правда, Игор Филков.