Остри критики за извештајот на Амнести интернешенел за Изрaел
Еврејските групи и израелските власти ги нарекуваат наодите од извештајот - „срамота“

Извештајот на Амнести интеренешенел во кој се обвинува израелската влада дека го практикува апартхејд во односот кон Палестинците, наиде на жестоки критики уште пред неговото објавување во вторникот.
Извештајот на повеќе од 200 страници на невладината организација со седиште во Лондон заклучува дека Израел ја „извршил меѓународната грешка на апартхејдот, како кршење на човековите права и кршење на меѓународното јавно право“, во врска со третманот на Палестинците и на израелските и на палестинските територии. .
Извештајот наиде на осуда уште пред објавувањето од еврејските организации и израелските официјални лица, кои го повикаа Амнести да не го објавува. Амнести интернешенел „е само уште една радикална организација која повторува пропаганда без сериозно испитување“, изјави во понеделникот израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид. „Наместо да бара факти, Амнести цитира лаги што ги шират терористичките организации“.
Лапид, исто така, тврдеше дека извештајот најверојатно бил мотивиран од антисемитизам. „Мразам да го користам аргументот дека ако Израел не беше еврејска држава, никој во Амнести не би се осмелил да се расправа против тоа, но во овој случај, нема друга можност“, рече тој.
Слични извештаи кои го обвинуваат Израел за меѓународното злосторство на апартхејд од страна на израелската група за човекови права B’Tselem и Хјуман рајтс воч со седиште во Њујорк, исто така предизвикаа бурни реакции во текот на изминатата година.
Германскиот огранок на Амнести интернешенел објави соопштение за печатот за наодите од извештајот, но исто така додаде и оградување во кое се наведува дека поради историјата на холокаустот и зголемените антисемитски напади во Германија, „германскиот Амнести нема да планира или спроведе какви било активности“ засновани на извештајот, „со цел да се спротивстави на ризикот извештајот да биде инструментализиран или погрешно протолкуван“.
Жестоки критики за извештајот стигнаа и од странство.
„Сржта на извештајот е безобразното обвинување дека Израел, осамената демократија на Блискиот Исток, практикува апартхејд“, рече Дејвид Харис, извршен директор на Американскиот еврејски комитет, во неделата, многу пред објавувањето на извештајот. „Ова треба да се отфрли недвосмислено“.
Харис, исто така, се спротивстави на споредбите со системот на институционализирана расна сегрегација во Јужна Африка од 1948 до 1994 година, тврдејќи дека арапските Израелци се добро застапени во различни сектори во Израел и во политичкиот систем на земјата: во јуни, Обединетата Арапска листа стана дел од израелската влада.
„Кревката владина коалиција што раководи со [Израел] е целосно зависна од арапска политичка партија“, рече Харис, додавајќи дека како и сите земји, Израел има социјални недостатоци. „Но, да се поистоветат тие недостатоци со системот на апартхејдот во Јужна Африка е недозволиво“.
Израелскиот министер за надворешни работи Лапид, исто така, укажа на други земји за кои тој тврди дека Амнести треба внимателно да ги испита наместо Израел.
„Амнести не ја нарекува Сирија ‘држава на апартхејд’ – земја чија влада уби половина милион свои граѓани – ниту Иран или кој било друг корумпиран и убиствен режим во Африка или Латинска Америка“, рече тој.