Остра порака од Атина за притворениот градоначалник: „Албанија сама си пука во нога“

Случајот со притворениот градоначалник на градот Химара, кој е етнички Грк, силно ги влоши односите меѓу Грција и Албанија. Атина се заканува со закочување на европските амбиции на Тирана


Протест во Химара за ослободување на притворениот градоначалник Фреди Белерис

 

Министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, денеска упати остра порака до Албанија во врска со притворот на градоначалникот на крајбрежниот град Химара, Фреди Белерис, дека со начинот на кој функционира си пука во нога. Герапатритис за тоа зборуваше во утринската програма на телевизијата ЕРТ. Тој рече дека Белерис, кој е етнички Грк, незаконски е држен во истражен притвор, со што се нарушува владеењето на правото.

Белерис, кој беше градоначалник на Химара, населен претежно од етнички Грци, во мај беше повторно избран на таа функција. Албанските власти го обвинуваат дека до функцијата дошол со купување гласови. Белерис денеска може да го пропушти рокот од три месеци во кој треба да даде заклетва, по што би биле распишани нови избори за градоначалник на Химара. Министерот Гераптритис изјави дека доколку се случи тоа ќе значи сериозно влошување на односите на Грција со Албанија.

Тој изјави дека имал два тешки телефонски разговори со неговата албанска колешка во кои таа се изразила позитивно за разрешување на проблемот. Особено за положувањето заклетва, иако Белерис е во притвор. Но оттогаш ништо не се случило.

И после тоа испратил остро писмо до министрите за надворешни работи на ЕУ и шефот на европската дипломатија Жозеп Борел. Герапатритис вели дека во писмото нагласил оти постапките на Тирана во овој случај „претставуваат сериозна пречка за еволутивниот пат на Албанија кон европското семејство“.

Вечерва во Химара се одржа протест за поддршка на Фреди Белерис, а на него присуствуваа и градоначалниците на Атина и Солун.

Според информациите што претходно ги објави телевизијата СКАИ, албанската полиција доставила документ со кој „не се одобрува“ собирот со кој се бара итно ослободување на Белерис, наводно дека не бил навреме пријавен. Директорите на грчката организација организација „Омонија“ одбиле да го примат документот и ги отфрлија таквите наводи на албанските власти.

Потпретседателот на Европската комисија за заштита на европскиот начин на живот, Маргаритис Схинас, се обрати со видео порака до насобраните на протестот во Химара опишувајќи го притворањето на Фреди Балерис како „длабоко антиевропско“.

Схинас подвлече дека „европскиот начин на живот значи демократија, правда, слобода да се избира и да се биде избран“. Како што рече, тоа е основа за сите земји кои сакаат да станат членки на европското семејство и Албанија не може да биде исклучок.

Тој објави дека неодамна побарал од одговорното лице за европското проширување јасно да ѝ стави до знаење на Албанија дека случајот со избраниот градоначалник на Химара не треба да застане на патот на европските амбиции на Албанија и албанскиот народ.

Тој ја повика Албанија да не инсистира на тактика која не е во нејзина корист. „Многу време е изгубено, но дури и во последен момент не е доцна да се врати неправдата што му се случува на Фреди Белерис“, рече Схинас.

Маргаритис Схинас изрази уверување дека и во последен час Фреди Белерис ќе ги преземе своите должности како градоначалник, подвлекувајќи дека „ниту една друга опција не може да биде прифатена од ЕУ“.

„Јас сум со вас, покрај вас и ќе успееме“, рече тој обраќајќи им се на присутните на митингот.

Градот Химара и неговата околина е едно од најубавите места на албанскиот брег и се наоѓа на Јонското Море. (Н.В.)