Оставки на повеќе од половина министри во Перу


Повеќето од половината министри во Перу поднесоа оставки по бруталното полициско насилство за време на граѓанските протести одржани поради смената на поранешниот претседател Мартин Вискара.

Според локалните медиуми, 13 од 18 министри во новата Влада, која беше формирана во четвртокот, поднесоа оставки. Меѓу нив се министрите за одбрана, за внатрешни работи, за правда, за економија и за здравство.

Масовното повлекување на членови од владиниот кабинет се случува откако се дозна за смртта на двајца граѓани за време на вчерашната полициска интервенција за растерување на илјадниците демонстранти.

Секојдневните протести во Перу започнаа откако Парламентот во понеделникот гласаше за смена на поранешниот претседател на земјата Мартин Вискара од функцијата поради покренатите обвинение против него за корупција. Сепак, демонстрантите ги обвинуваат членовите на Конгресот за злоупотреба на Уставот и одбиваат да го признаат новиот претседател Мануел Мерино, досегашен претседател на Парламентот. Поранешниот претседател Вискара има поддршка од народот заради неговата војна против корупцијата, поради што честопати беше во конфликт со парламентарците.