Оставката на Ристоска беше изнудена, оценува професорот Денис Прешова
Поднесувањето оставка од професија во која е вложен значителен труд и време е една од најтешките животни одлуки, која најчесто е резултат на притисок и чувство на безнадежност, оценува во својата реакција професорот на Правниот факултет, Денис Прешова, за повлекувањето на Ленче Ристоска од Обвинителството, кое силно одекна во јавноста.
Според него, во вакви околности „човек е поставен помеѓу тоа да се откаже од сето вложено, љубовта кон професијата, или да остане чист пред себе и едноставно да се повлече со цел да си го зачува достоинството и интегритетот одбивајќи да биде претопен во сивилото“, вели Прешова.
Тој додава дека ваквата одлука не зборува само за личноста што се повлекува, туку уште повеќе за системот кој довел до таков исход: „И ова колку што говори за личноста која се повлекува и ја поднесува оставката, можеби повеќе говори за системот кој на вакво нешто ја натерал и кој не дозволува двете да бидат помирени“.
Професорот е критичен и кон функционирањето на институциите: „Во систем кој се ‘колне’ во самостојност и автономија, особено кога треба да се бараат пари, а нема да се најде ниту еден јавно да реагира на сите случувања… не можете ништо друго да очекувате освен послушност и кооперативност со политиката и центрите на моќ.
Борбата на Ленче во изминатиов период… ја гледам низ призма на поттикнување и некој друг од редовите на обвинителството и правосудството да најде за сходно да крене глас и да покаже интегритет“, оценува Прешова.