Оставката на Милевски може да отвори пат за реконструкција на владата
Оставката на Горан Милевски од позицијата министер за локална самоуправа може да повлече уште најмалку три измени во министерскиот тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски, пишува „Плусинфо“. Наводно, можна е смената на актуелниот министер за здравство Беким Сали за досегашната соработка, а од игра најверојатно ќе излезат и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, како и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Како главни кандидати за местото на Сали досега се спомнуваа тројца познати доктори и директори на клиники и болници: Софија Пејкова, Милена Стевановиќ и Христијан Костов.
Неофицијално, како главна причина за смена на Алити од највисоката позиција во Министерството за информатичко општество и администрација се посочени новите проценти во „балансерот“ и кревањето на процентот на Албанците на 31,54 проценти и покрај укажувањата на Државниот завод за статистика (ДЗС) дека треба да се пресметуваат процентите само на резидентното население во земјава, а не и на дијаспората.
Премиерот Ковачевски наводно не е задоволен и од работата на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, па очекувано е тој да биде симнат од позицијата главно поради проблемите со реализацијата на големите инвестициски проекти, автопатите Кичево-Охрид, Скопје-Блаце, како и железничката и патната инфраструктура со Бугарија.Владејачките СДСМ и Алтернатива, пак, ги отфрлија ваквите информации како шпекулации.
-Реконструкцијата на Владата не е тема, тоа се шпекулации, одговорија од СДСМ.
Инаку како наследничк на партиската и министерската позиција на Горан Милевски се споменува пратеничката на ЛДП, Моника Зајкова.
– Ништо не е официјално. Претседателот Милевски најави дека од лични причини се повлекува од лидерската позиција во ЛДП, па јас не би сакала да зборувам во негово име. Ние сме во постојана комуникација и координација околу партискиот дел, а јас во неколку наврати веќе кажав дека партијата треба да остане обединета. Доколку биде донесена одлука поддржана од членството, јас со задоволство би го прифатила предизвикот да го наследам Милевски на чело на партијата, а со тоа би станала и првата жена која застанала на лидерската позиција на ЛДП. Имам своја визија и програма за тоа како треба да изгледа и да работи партијата во иднина – објасни Зајкова.
Во делот на шпекулациите дека токму таа ќе го наследи Милевски и на позицијата министер за локална самоуправа, Зајкова вели дека нема такви амбиции.
– Еве сега и официјално ќе изјавам дека јас немам апсолутно никакви амбиции да седнам во министерската фотелја. Сметам дека можам повеќе да придонесам доколку бидам избрана за лидер на ЛДП, отколку да бидам министерка. За тоа испразнето министерско место, кое и понатаму ќе остане на ЛДП, ќе дискутираме на Централен одбор – ни изјави Зајкова.
Министерот Горан Милевски, во разговор за Алсат потврди дека во вторник ќе поднесе оставка до Владата. Заминувањето од министерската позиција, според Милевски, има врска со лични причини, додека тој останува на позицијата следниот министер да биде и од ЛДП. По оставката од функцијата во извршната власт, се очекува Милевски да се откаже од раководството на партијата.
Наспроти шпекулациите за Зајкова, „Слободен печат“ објави дека Милевски на министерската функција ќе го замени поранешниот лидер на ЛДП и градоначалник на Скопје Ристо Пенов.
Доколку Зајкова застане на чело на партијата, таа ќе биде првата жена претседателка на ЛДП, каде што досега се сменија пет претседатели – Петар Гошев, Ристо Пенов, Јован Манасиевски, Андреј Жерновски и во два мандата Горан Милевски.
По номинацијата на нов министер, се очекува партиските органи веднаш да почнат со организација на конгресот, кој треба да се одржи до 17 декември.