Османи за „огнените“: Ако коментирам секакви оценки, кога ќе работам!


Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ги смета за субјективни оценките на преставниците на т.н. „огнена група“ во ДУИ, кои веќе со месеци ги спорат неговите достигнувања, како и на некои други функционери од ДУИ. Според Османи ако коментира секакви оценки, нема да му остане време да работи. 

-Проценката за работата на МНР  ја прават објективни институции, како Европската комисија. Кој и да е друг кој прави проценка има доза на субјективизам. Јас се гордеам со постигнувањата на МНР  зашто надворешната политика ја доби највисоката оценка во извештајот на Европската комисија. Не би коментирал неформални оценки од било кој. ДУИ исто така е партија кои има свои органи, над шест, кои прават внатрешна проверка . Ако коментираме  секакви коментари за нашата работа, кога ќе работиме?- изјави Османи. 

Тој  чека од претседателот Стево Пендаровски да ја закаже средбата на која ќе се разговара за новите амбасадори и за амбасадорувањето на Виктор Димовски, а околу јавната кампањаповрзана со претседавањето со ОБСЕ , што наиде на осуда од ЗНМ и АВМУ, рече дека  не се уплатени никакви пари и дека таа се емитува само бесплатно на МРТ. Османи нагласи дека Македонија добила чест да претседава со организација што преставува 1,3 милијарда луѓе  и дека идејата била тој процес да се искористи за промоција на државата, а не на неговата работа или на МНР, според искуството на земјите што претходно претседавале. Тој повтори исто така дека сумата што се спомнуваше во медиумите не е наменета за поддршка на работата на МНР туку за поддршка околу организирањето на големите настани што ги бара претседателствувањето со ОБСЕ.