Османи во Торино на сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа


Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Торино ќе учествува на 132-та министерска сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа. На Министерската сесија, со која претседава Италија, ќе учествуваат министрите за надворешни работи на 46-те земји членки на најстарата европска организација за човекови права, демократија и владеење на правото.

На сесијата, се очекува да бидат дискутирани повеќе актуелни теми, со фокус на последиците од агресијата на Руската Федерација врз Украина, што меѓу другото доведе и до исклучување на Русија од Организацијата во март оваа година. Исто така, на состанокот ќе биде извршено и примопредавање на претседателството со Комитетот од Италија на Ирска за следниот шестмесечен период, соопшти МНР.

На маргините на министерската сесија предвидени се и повеќе билатерални средби на Османи со министрите за надворешни работи на Молдавија, Грузија, Азербејџан, Ерменија, како и со високи претставници на Украина и на Совет на Европа.