Османи во Атина на средби со Сакеларопулу, Мицотакис, Дендијас и Варвициотис


Фото: Б. Грданоски

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ќе оствари работна посета на Грција, на покана на неговиот домаќин, шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, а ќе се сретне и со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, премиерот Кирајкос Мицотакис и алтернативниот министер за надворешни работи, надлежен за европски прашања Милтиадис Варвициотис.

Претпладнево, шефот на дипломатијата ќе биде примен од грчката претседателка, со што ќе започне и работната посета на Атина, а од претседателската палата ќе замине на средба со неговиот грчки колега.

Дендиас и Османи, како што соопшти МНР, ќе разговараат за теми поврзани со билатералните односи меѓу двете земји, интензивирање и продлабочување на политичкиот дијалог во различни области, како и Акцискиот план за соработка и имплементацијата на Договорот за стратешко партнерство (Преспа).

Од Министерството за надворешни работи на Грција соопштија дека фокусот на разговорите ќе биде на прашањата поврзани со билатералните политички и економски односи, вклучително и соработката за справување со последиците од пандемијата, како и теми од регионален интерес со акцентот на европската перспектива на Западен Балкан, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефовите на дипломатиите на двете земји, како што веќе објави МИА, по средбата ќе потпишат и три меморандуми за соработка: едниот ќе биде за цивилна заштита, другиот за соработка на дипломатските академии и третиот меѓу „Invest North Macedonia“ и „Enterprise Greece“.

По потпишувањето на меморандумите ќе следи и прес – конференција во грчкото МНР на шефовите на двете дипломатии.

Османи ќе се сретне и со алтернативниот шеф на грчката дипломатија Варвициотис, додека пак, еднодневната работна посета на Атина ќе ја заврши со средба со премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис.

Во рамките на останатите средби со претставниците на државниот врв, според нашето МНР, ќе бидат отворени темите за унапредување на економско-трговската соработка меѓу двете земји, стратешките проекти за поврзување со гас и со гориво, како и учеството на Северна Македонија во гасниот терминал „Александрополис“ во Грција.

На средбите ќе стане збор и за политичките актуелности во регионот и регионалната соработка, особено за неговата европска и евроатлантска перспектива и поддршката што Грција ѝ ја дава на Северна Македонија во тој контекст, стои во соопштението на МНР.