Османи ветува бесплатен оброк за учениците во Чаир, курсеви и настава без мобилни телефони

Бујар Османи, кандидат за градоначалник на Општина Чаир, денес пред наставниците го претстави својот визионерски пристап за целосно нова насока во образованието, со осум системски мерки што треба да ја вратат мотивацијата кај наставниците, да им дадат поддршка на родителите и да обезбедат достоинствено образование за секое дете, се наведува во соопштението од ДУИ што МИА го пренесува интегрално.
„Нема поважна инвестиција од онаа во децата, но и во оние што се грижат за нив, наставниците. Тие се како втори родители, со нив нашите деца минуваат голем дел од своето време и затоа треба да бидат мотивирани, наградени и почитувани“, изјави Османи на средбата.
Тој нагласи дека Чаир заслужува да биде општина каде што образованието ќе биде приоритет број еден. „Ниту еден булевар, ниту една зграда не е поважна од можноста секое дете да има достоинствено детство и квалитетно образование. Тоа е срцето на мојата визија за Чаир, модерна, инклузивна и безбедна општина.“
За да се обезбеди подобро внимание и услови за учење, Османи рече дека ќе се ограничи бројот на ученици во училница, особено во училиштата каде што сега има и до 35 деца.
„Униформа, ранец и бесплатен оброк за секое дете: Мерка насочена кон олеснување на финансискиот товар за родителите, особено за семејствата со повеќе деца.
Центар за психо-социјална поддршка: Психолози, логопеди и советувалишта ќе бидат на располагање за поддршка на менталното здравје на децата и тоа не само во кризни ситуации, туку и превентивно.
Целосна инклузија на децата со попречености: Ќе се направи ревизија на пристапноста во училиштата, ќе се вработат професионалци и ќе се работи на едукација и прифаќање како дел од воспитно-образовниот процес.
Програмата „Мојот втор дом“ – активности по настава: Јазични курсеви, уметнички клубови, технолошки работилници и дополнителна настава, сето тоа во училиштата што ќе продолжат да функционираат и попладне како безбеден простор за децата.
Развој на училишниот спорт: Реконструкција на салите и училишните дворови, општински училишни лиги и соработка со спортските клубови ќе обезбедат физичка активност и развој на тимскиот дух кај децата.
Забрана за мобилни телефони во училиште: Преку програмата „Учи со ум, а не со екран“ ќе се воведе правило телефоните да се оставаат за време на наставата, за подобрување на вниманието и поттикнување на директната комуникација.
Фонд за иновации и поддршка за наставниците: Наставниците што покажуваат иницијатива ќе добијат финансиска поддршка за стимулирање на креативноста, посветеноста и иновативниот пристап во наставата.“
„За образованието имаме сериозна и детална програма, создадена преку разговори со родителите, наставниците и децата. Затоа ветувам: Чаир ќе стане место каде секое дете ќе има можност, каде родителите ќе имаат поддршка, а наставниците ќе имаат вреднување“, нагласи Османи.