Османи: Соседите да бидат мотор, а не кочница

Посакувам нашите соседи да бидат моторот, а не кочницата во нашиот процес на интеграција и заеднички да ги уживаме придобивките од политичката, економската и социјалната трансформација на регионот, порача министерот за надворешни работи Бујар Османи во обраќање на видео конференцијата посветена за Западен Балкан по 2020 година – акции и одлуки во време на пандемија.

– Ги повикувам нашите европски пријатели да го препознаат моментумот и да не ја пропуштат шансата да се финализира крајот на годината онака извонредно како што започна, истакна Османи, кој имаше воведно обраќње на панелот посветен на процесот на пристапување во ЕУ и за политичката, економската и социјалната трансформација на регионот.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи, во своето излагање Османи, говореше за заложбите на нашата земја во евроинтегративниот процес, како и за нашите очекувања за навремено усвојување на Преговарачката рамка, при  тоа раководејќи се од принципите на новата методологија во преговарачкиот процес.

– Земјите од Балканот припаѓаат на европското семејство – географски, историски, културно, вредносно, и својата иднина ја гледаат како дел од Европската Унија. Перспективата за членство во ЕУ е мобилизирачки фактор кој ги обединува сите општествени чинители и движечка сила за успешно спроведување на реформите и справување со предизвиците со кои се соочуваме на тој пат, потенцираше Османи.

Настанот беше организиран од Европскиот либерален форум, поддржан од Фондацијата за либералана интеграција и кофинансиран од Европскиот парламент. Конференцијата ја отвори и со нема модерираше пратеникот во Европскиот парламент и известителот за Република Северна Македониа,  Илхан Кјучук, а свое обраќање на собирот имаше и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји.