Османи: Сиљановска шири дезинформации


„Преговарачката рамка не е документ што го потпишува министерот за надворешни работи, туку е усогласена и усвоена од сите 27 земји-членки на ЕУ, по што ја усвојува Владата и ја гласа парламентот. Во нашиот случај, Преговарачката рамка беше поддржана со 67 гласови во Собранието, вклучувајќи ја и содржината на протоколите. Најмалку што може да се очекува од една претседателка е да биде информирана и да се изразува одговорно. Популизмот можеби носи поени за денес, но ѝ штети на државата утре. А ,од една професорка, сепак се очекува барем основно познавање на материјата“,  реагира поранешниот министер Бујар Османи по синоќешното гостување на претседателката во емисијата „Вин-вин“ на ТВ Телма

Според него, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, наместо да ја користи својата функција за да ја поддржи европската иднина на државата, продолжува да шири дезинформации кои сведочат за сериозно непознавање на основните процедури на Европската Унија.

Сиљановска-Давкова го критикуваше Османи за пречекорување на овластувањата во однос на протоколот што е дел од Преговарачката рамка со ЕУ, потенцирајќи дека не може протокол да биде дел од рамка, и изрази сомнеж за начинот на кој тој го потпишал овој документ.

Според неа, доколку Заедничката мултидисцилинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија не ја заврши работата и не постигне консензус за отворените прашања меѓу Скопје и Софија за историјата, тогаш приказната со евроинтеграции на земјава нема да заврши, односно тоа ќе биде причина за ново вето од Бугарија.