Османи се пофали: Оценката од ЕК е највисока за надворешната политика

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој со месеци е мета на критики поради преговорите со Бугарија и други теми, ги дочека петте минути. На денешниот форум организиран од СЕП за извештајот на ЕК за прогресот на Македонија тој се пофали дека највисоката оценка што сме ја добиле од Брисел била за усогласеноста во надворешната политика.
-Единствената оценка „многу добар прогрес“ и „добро подготвена“ ја доби надворешната политика. Јас го водам баш тој ресор, а оценката ја добивме пред се заради нашата усогласеност со политиката на ЕУ, рече Османи.
Дека таа оценка не паднала „од небо“ тој објасни со фактот дека во однос на ова поглавје сме биле зад Албанија, Црна Гора и Србија бидејќи во 2014 година не сме се приклучиле на санкциите на Брисел против Русија предизвикани од анкесијата на Крим во тој период.
„Тој процент на неусогласеност ни се провлекуваше и беше дамка за имиџот на државата, која беше видена како недоверлив партнер. Сега ретроактивно се приклучивме на санкциите кон Русија од 2014 година и ЕУ го цени тоа како важен фактор, дека станавме доверлив партнер. Не сите земји членки на ЕУ се на тоа ниво на хармонизација во надворешната политика, така што најсветлиот дел од извештајот е надворешната политика . Но, тоа не го направивме заради извештајот, туку заради самите нас “, рече Османи објаснувајќи дека воената агресија врз Украина и кршењето на меѓународното право се закани за мали земји како нас.
Тој не веруваше дека ќе има отстапувања од таа политика, освен ако на власт не дојдат некои антисистемски партии, посочувајќи дека е повеќе зачуден и загрижен што во јавноста се уште има дилеми дали Македонија ја избрала вистинската страна и политика околу руската воена агресија во Украина, што според него се должи на фрустрации кај граѓаните врз некоја друга основа.
Инаку утре ДУИ ќе има партиска средба на која треба да се задоволат апетитите на т.н. огнена група“ која меѓудругото ја спори и фотелјата на Османи, покрај таа на Артан Груби и бара промени во поделбата на функциите од страна на партијата.