Османи се плаши од прекин на преговорите со ЕУ ако не се побрза со уставните измени
Важно е да направиме разграничување каде почнува партискиот интерес, а каде завршува интересот на државата, вели министерот за надворешни работи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ќе иницира широка дебата за уставните измени за кои смета дека не треба да се губи многу време за да бидат направени. Државата, според него не смее да си дозволи да го дочека ноември без изменет Устав.
„Мојот страв е дека ако не фати ноември без завршени уставни измени, дека ќе прекинат преговорите, ќе го изгубиме моментот, а губењето на моментот е една од најлошите работи што може да ви се случи на европскиот пат. И се плашам дека тоа може да се злоупотреби, дека ќе влеземе во некое си црногорско сценарио, по кое е многу тешко потоа да се вратиме, со сите импликации внатре и надвор врз имиџот на државата“, вели министерот Османи.
Според него, сите досегашни консултации во однос на уставните измени биле неформални, низ ходници, па време е да се почне со формален сет консултации низ јавни дебати.
„Сметам дека е важно да направиме разграничување во суштината на проблемот – дали уставните измени се проблематични или партиско политичкиот интерес околу уставните измени? Засега тие се измешани и не може да се прави разграничување каде е интересот на државата, а каде е партискиот интерес, и тоа ги буни луѓето. Тие не знаат дали ставот на некој политичар е поради тоа што сака избори и сака да биде на власт или заради тоа што уставните измени се ризични по државата и по народот. Луѓето кои не се експерти се збунети. Важно е да направиме разграничување каде почнува партискиот интерес, а каде завршува интересот на државата. Таа јавна дебата ќе го искристализира тој аспект“, објасни Османи.
Тој е убеден дека дебатите ќе покажат дека уставните измени не се спорни, ниту пак се закана за државата, туку дека ќе ја направат посилна и со подобар имиџ во светот.