Османи потврди дека се разменуваат предлози со Бугарија за решавање на спорот


Предлозите се некогаш некогаш вербални, некогаш напишани, но јавноста ќе знае за нив ако станат основа за постигнување на согласност

 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави денес дека нема прекин во обидите и во комуникацијата со Бугарија за да се најде согласност околу преговарачката рамка на ЕУ за Македонија. Тој не смета дека решение за спорот е потпишување на нов договор, туку решението е во сегашниот околу кој треба да се врати довербата бидејќи во Бугарија сметаат дека не се исполнува. Тој потврди дека се разменуваат предлози и идеи, некогаш вербални, некогаш напишани, но јавноста ќе знае за нив ако станат основа за постигнување на согласност, а сега очигледно тоа не е случај, па затоа не сакаше да ги соопшти.

„За нас е многу важно одржувањето на меѓувладината конференција во декември со германското претсдателство и затоа работиме со конкретни предлози и идеи. Сѐ додека се идеи и предлози за кои нема согласност, остануваат само идеи и не можеме отворено да зборуваме за нив. Главно зборуваме во однос на загриженоста за територијални претензии, во однос на малцинствата, работата на историската комисија, за економските односи, инфраструктурните проекти и говорот на омраза. Мое чувство е дека во суштината на проблемот е недостигот на доверба меѓу нас и Бугарија. Да ги оставиме настрана политичарите, таа недоверба е меѓу интелектуалците, академиците, историчарите и таа се пренесува во јавноста и има историски контекст. Мора да признаам дека изминатите 70 години не се направени обиди таа да се надмине туку работите се ставани под тепих. Затоа решението и шансата ја гледам во враќање на довербата во договорот, тој е платформата и формата за надминување на разликите. Тука е шансата и работиме во овој правец“, рече Османи.

Според него, Бугарија има јасен став за идентитетските прашања, дека не ги спори идентитетот и јазикот на граѓаните во Македонија. Тоа, оцени тој, е добра основа за стекнување целосна доверба.

„Преговорите со ЕУ се тешки и комплексни, полни со пречки на патот. Ние сме поминале такви пречки, а едната беше таа од Франција. Ако не се реши ова прашaњe ќе има катастрoфални последици на односите и ќе влијае на можноста за долгорочно решавање. Затоа работиме да ја вратиме довербата овие денови за да го завршиме процесот. Исто беше и со ветото на Франција, и тогаш изгледаше безнадежно, но дали требаше да се откажеме тогаш? Франција немаше доверба во проширувањето, но се најде новата методологија и работите се придвижија“, рече Османи.

Околу забелешката дека според бугарските медиуми сѐ уште сме далеку од решение, а според нашите функционери блиску, Османи рече дека е факт дека има конкретни чекори, идеи и предлози што се разменуваат и дека гледајќи ја сериозноста на предлозите го засновува својот оптимизам дека има солидна основа да се најде заедничка согласност.

Околу тоа дали има обиди за медијаторство и активности зад сцена Османи рече дека пријателите со загриженост го гледаат овој развој во односите со Бугарија и секој се обидува на свој начин да помогне.

„Сите имаат интерес ова да успее. Се разбира, германското претседателство тоа го прави најактивно, но нема конкретна форма на посредување зашто разговараме директно“, нагласи Османи.

Околу Белене тој одговори дека нашата намера за диверзифицикација на изворите за снабдување со енергија е комуницирана со сите партнери и не е изненадување.

На забелешката има ли разлика во толкувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија бидејќи има разлика во преводите и некаде стои заедничка историја а некаде споделена, министерот рече дека при преводот на документите се случува некогаш да се преведува на првиот или на вториот начин, но нема  дилема дека во договорот тој термин се однесува на заедничка историја, од што државата не бега.

Околу забелешките на Софија дека не се одржуваат меѓувладините конференции, а годинава требало да се одржи една во Скопје, Османи рече дека треба да има резултат од преговорите околу спорот па да се одржи таа, но највестил спремност од наша страна следната средба да биде во декември. Тој потсети дека неговата прва посета надвор била на Софија, а прва активност свикувањето на историската комисија, така што не гледа никаков проблем околу комуникацијата.

Наспроти впечатокот на јавноста тој не гледа проблем околу идентитетските прашања, па ни околу јазикот со Бугарија.

„Правото на самоопределување е и право на граѓаните да кажат кој јазик го зборуваат. Тоа право Бугарија не го спори. Треба да се поздрави што не спори никакви идентитетски прашања“, рече Османи, додавајќи исто така дека прашањето чиј е Гоце Делчев е отворено во комисиите и негово чувство е дека разликите се веќе во нијанси.

Запрашан за најавите за  интерпелација од пратеници на ДУИ за некои министри, Османи беше категоричен дека во ДУИ нема рскол.

„Таму секогаш има различни ставови, жива дебата, и тоа е убиавината на ДУИ, да има внатрешна дебата. Тие дебати секогаш завршуваат на ниво на партијата“, рече Османи. (С.Ј.)