Османи на министерски состанок на НАТО: Историски момент за алијансата


 

Ова е историски момент за целата Алијанса, што не прави уште посилни и побезбедни, како и значаен чекор за трансатлантското единство. Членството на Финска претставува добра порака за сите земји аспиранти кои ги делат истите вредности. Очекуваме и Шведска да ни се придружи во трансатлантското семејство пред НАТО Самитот во Вилнус, изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи и актуелен претседавач на ОБСЕ, кој учествуваше на дводневниот Министерски состанок на НАТО, кој се одржува денеска и вчера во Брисел.

Состанокот се одржа во светло на присоединувањето на Финска во Алијансата, со што беше демонстрирано силно единство на сите сојузници и цврста поддршка на политиката на отворени врати на НАТО.

Министерството за надворешни работи соопшти дека Османи ја нагласил потребата од зајакнат ангажман на НАТО и ЕУ во земјите од Западен Балкан, истакнувајќи дека политиката на отворени врати на НАТО и проширувањето на ЕУ претставуваат значајни политики за зачувување на целокупната регионална и европска стабилност.

Во разговорите, министрите за надворешни работи се осврнале на политичките и безбедносните предизвици со кои се соочува Алијансата, како и на подготовките за претстојниот Самит на НАТО во Вилнус.

-И во оваа прилика беше истакната силната обединетост на сите земји сојузници во осудата за руската воена агресија, како и одлучноста за зајакнување на политичката и практичната поддршка за Украина. Конкретно беа разгледани можностите за зголемување на финансиската поддршка за Украина преку Сеопфатниот Пакет за Поддршка, како и потребите на Украина за пост-конфликтно оправување и реконструкција, се наведува во соопштението.

Шефот на дипломатијата на Северна Македонија претходно на маргините на состанокот разговараше со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен и советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле.

Во фокусот на разговорите, како што соопшти МНР, била соработката и активностите во рамки на Стратешкиот дијалог, регионалните актуелности, поддршката за постигнатиот договор меѓу Косово и Србија, како и политичките состојби во земјава.

Foreign Minister Bujar Osmani met with US Secretary of State Anthony Blinken and State Department Counselor Derek Chollet on the sidelines of the NATO Ministerial Meeting in Brussels.

Шоле и Блинкен изразиле силна поддршка за евроинтегративниот процес на Северна Македонија, што е споделен стратешки интерес на земјава и САД и влог во целокупната регионална стабилност. 

Фото: МНР