Османи во Софија: Прво усвојување на нацрт-протоколот од двете страни, па состанок на меѓувладината комисија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на својот Фејсбук-профил објави дека попладнево во Софија се сретнал со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева, со која разговарал за секторската соработка и подготовките за одржување на состанокот на меѓувладината комисија.
„На враќање од посетата на Париз, застанав во Софија и се сретнав со министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, со која разговаравме за секторска соработка и подготовките за одржување на состанокот на меѓувладината комисија како инструмент кој произлегува од Договорот за добрососедство веднаш по усогласување на акцискиот план за секторска соработка“, наведува Османи во објавата на Фејсбук.
Во соопштението на бугарското министерство за надворешни работи по средбата се наведува дека Захариева го примила Османи на негово барање, кој од Париз се врќал кон Скопје транзитно преку Софија.
„За време на нивната работна средба беа разгледани билатералните односи, европската перспектива на Република Северна Македонија и предизвиците со кои се соочуваме за време на пандемијата со Ковид-19“, стои во соопштението.
Во него се вели дека Захариева ја потврдила „принципиелна поддршка за европска интеграција на нашиот југозападен сосед, при исполнување на соодветните услови. Двајцата министри ја разгледаа заедничката работа за исполнување на обврските од Договорот за пријателство во 2017 година и разговараа за претстојното свикување на меѓувладината конференција, која ќе се состане кога двете страни ќе го одобрат нацрт-протоколот“.
Во соопштението уште се додадва дека „бугарската страна посочи дека според Договорот од 2017 година, идниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија треба да направи целосен преглед на спроведувањето на Договорот, да усвои годишен извештај за работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања и да наведе конкретни активности во иднина за соработка“.
Како што претходно јави дописникот на МИА од Софија, веднаш по пристигнувањето во бугарскиот главен град, Османи се упатил на средба со бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во владината резиденција во Бојана.
Владиниот портпарол Душко Арсовски на денешната прес-конференција информира дека се очекува централна точка на разговорите меѓу Османи и Захариева да биде Акцискиот план и дека повеќе информации за договореното ќе има по враќањето на министерот од Софија.