Османи: Нема раскол во ДУИ
Во Демократската унија за интеграција нема раскол, туку жива дебата која секогаш завршува на ниво на партијата, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи и член на ДУИ, која е дел од владината коалиција.
– Во ДУИ нема никаков раскол, ништо невообичаено не се случува. Тие што го следат начинот на функционирање на ДУИ знаат дека во ДУИ има жива дебата, секогаш имало различни ставови, многу активни, многу гласни. И тоа е убавината на функционирањето на ДУИ нешто што претседателот од секогаш го има поттикнато и го има охрабрено внатре да има дебата, да има различни погледи. Но предноста на ДУИ е што секогаш овие дебати завршуваат на ниво на партијата и мислам дека така ќе биде и овојпат, рече Османи на новинарско прашање дали постојат превирања во партијата по најавите за поднесување интерпелации за него и за првиот вицепремиер Артан Груби.