Османи не сака Мицкоски да решава кој ќе му биде коалициски партнер

Османи, исто така, не одговори директно дали ДУИ ќе го поддржи Стево Пендаровски во вториот круг од претседателските избори


 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи избегна да одговори на денешната прес-конференција дали ДУИ, и по сите навреди и обвинувања од страна на ВМРО-ДПМНЕ, би влегла во коалициска влада со оваа партија.

Османи, исто така, не одговори директно дали ДУИ ќе го поддржи Стево Пендаровски во вториот круг од претседателските избори, инсистирајќи дека за тоа прашање треба да решава заеднички нивниот „Европски фронт“. Тој неколкупати порача дека Христијан Мицкоски не одлучува кој ќе биде претставник на Албанците во идната влада и уште повеќе, дека е срамота што се разговара за идни коалиции кога изборите сѐ уште не се ни одржани.

На слогонот на ВМРО-ДПМНЕ „Македонија повторно твоја“, за кој рече дека е понижувачки за Албанците во државата, тој реплицираше со слични фрази за достоинство на граѓаните со порака дека битката меѓу „Вреди“ и „Европскиот фронт“ е завршена со првиот круг на изборите за претседател и дека сега сите се обединети како Албанци против обидите на ВМРО-ДПМНЕ да решава во нивно име кој ќее ги претставува.

„Не одлучува Мицкоски кој ќе биде претставник на Албанците. За тоа ќе одлучи народот“, порача сѐ уште актуелниот министер за надворешни работи во техничката влада.

Според него, целта на ДУИ не е да биде стигматизирана од ВМРО-ДПМНЕ или од СДСМ туку да се почитува волјата на избирачите, а таа е јасно искажана и не може да се згази ниту за момент.

„Таквата изјава (дека ДУИ ќе замине во опозиција) е шовинистичка и е навредливо да зборуваме за коалицирање на 9 дена пред избори. Повредено им е достоинството на гласачите со изјавата дека воопшто нема да биде важна нивната волја за кого ќе се определат. Тоа е омаловажување на волјата на избирачите, тоа не само што на е демократски, туку Албанците ги враќа во времето на Рахман Морина“, рече Османи.

Тој нагласи дека народот е тој што одлучува кој е претставникот на албанскиот народ, како и на други етнички заедници, а знаеме, додаде Османи, дека се вклучени во рамки на „Европскиот фронт“.

„Mицкоски успеа да го врати кај Албанците сеќавањето на стогодишното ропство и на понижувањата во некогашна Југославија. Тој успеа да активира нерв за кој мислевме дека е трајно сокриен. Успеа да го врати времето од Југославија, кога беше одлучено дека Рахман Морина ќе ги претставува Албанците. Но овој обид за омаловажување на секој Албанец и на етничките заедници со слична судбина, ги мобилизира луѓето, а ги мобилизира и оние кои во првиот изборен круг не излегоа да гласаат. Веќе не е прашање на избор меѓу ‘Европскиот фронт’ предводен од ДУИ и коалицијата ‘Вреди’. Таа битка практично е завршена на 24 април, така како што е завршена. Сега повикот треба да биде како да го тргнеме национализмот од сцената и да ја интегрираме државата во ЕУ“, рече Османи.

Тој оцени дека изјавата на Мицкоски е обид за рушење на достоинството на народите и е понижување да се зборува отсега за таква власт без почитување на изборната волја.

„Тој предзвика таква мобилизација кај избирачите каква што со години и години не сме виделе. И каков е резултатот од таа мобилизација кај Албанците и други етнички заедници ќе се искаже на  8 мај. Народот ќе каже тоа што треба да се каже, својата волја ќе ја искаже“, рече Османи.

Тој нагласи дека во рамки на „Европскиот фронт“ ќе се расправа во врска со изјавите од ВМРО-ДПМНЕ кои ја „враќаат меморијата кај Албанците“ и оцени дека изјавите на Мицкоски се шовинистички.

„Државата повторно да биде ‘твоја’ е шовинистички повик во една држава во која Албанец води надворешна политика за сите граѓани и во интерес на државата. Национализмот раѓа нов национализам. За жал овие сили го вратија тоа чувство на пониженост кај Албанците и другите етнички заедници“, рече Османи коментирајќи ја, како што нагласи, провокативноста на некои слогани и изјави. Но, на новинарско потпрашање за извиците „УЧК, УЧК“ од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, одговори дека Ахмети веќе дал одговор.

Според него, Мицкоски успеал за два дена да го врати сеќавањето од третманот на Албанците во бивша Југославија, порачувајќи потоа дека одговорот од нив ќе го добие на изборите. Категорично тврдеше дека извиците „УЧК“ на митингот на ДУИ само биле одговор на тоа што го почна ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи, како што рече, не само што го извадиле народот на улица со таа кампања, туку ги извадиле и албанските политичари од кожа, со порака дека национализмот раѓа национализам. 

Зборувајќи за евроинтеграцијата Османи рече дека со таква политика, какво што сега застапува Мицкоски, државата загуби 20 години од својот интегративен пат кон ЕУ, особено што, како што рече, прашањето на името било реален проблем, а внесувањето на Бугарите во Уставот  –  вештачки создаден. 

За нападите дека ДУИ е корумпирана партија тој рече дека е лов на вештерки што се активира само пред избори, а потоа не се прави ништо за да има вистинска борба против корупцијата.

„Ако се чека, ќе се добиваат понеповолни можности за ЕУ-интеграција во еден тежок геополитички регион“, порача Османи.

На крајот тој сепак повтори дека ДУИ нема да коалицира со било кого што ги спори договорите од Преспа, Охридскиот и со Бугарија и дека без договор за уставните измени не може да функционира било било влада. 

„Одлуката е на граѓаните. Сега е време да кажат дали ќе дозволат уште еднаш да ни се повторат 20-те години изолација. Еднаш нѐ излажаа, ако нѐ излажат уште еднаш и ние сме соучесници“, порача Османи тврдејќи дека на изборите ќе се решава за евроинтеграција или за изолација, за етничка сегрегација или за соживот. 

Овие одговори Бујар Османи ги даде на денешната прес-конференција по повод одбележувањето на Денот на МНР – 29 Април и 55 години од создавањето и развојот на дипломатската служба на Македонија. Историјата на МНР како институција надлежна за надворешната политика започнува на 29 април пред 55 години во Скопје кога се зачнати и корените на дипломатската служба со формирањето на Бирото за односи со странство. По стекнувањето на независност во 1991 година ова тело прераснува во Секретаријат за односи со странство за три години подоцна конечно да се трансформира во МНР.