Османи не е против Бугарите да се спомнат и во Уставот


 
Бугарите во земјава треба да се чувствуваат како слободни граѓани, кои ќе ги имаат сите права, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.

„Бугарите во Северна Македонија треба да се чувствуваат како апсолутно слободни граѓани кои може да се организираат како колективна заедница, и ќе ги имаат сите права, па ако треба и нивно споменување во Уставот“, изјави Османи во синоќешната емисија „Клик плус“ на ТВ21.

На забелешката дека во тој случај ќе треба да се менува Уставот, Османи одговори оти нема резерви да бидат споменати како посебна етничка заедница.

„Немаме никаква резерва да бидат споменати како посебна етничка заедница, ако тоа им значи на која било страна“, рече Османи.

Тој додава дека не слушнал дека Бугарија има побарано такво нешто и за тоа не се разговарало.

Османи во средата, во врска со реакциите за правата на бугарската заедница во Македонија, побара претставниците на бугарските здруженија во земјава да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел, како што рече, утврдување на квантитативната, демографската и географска дистрибуција на оваа заедница, што според него, би придонело значајно при формирањето на идните политики и на Владата. На тоа реагираше директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски, кој во изјава за МИА рече дека во сите пописи од ’48 наваму имало код за бугарска етничка припадност.