Османи не добил златен „Ајфон“ во Јордан туку – урми

Министерот Бујар Османи не добил златен ајфон како подарок за време на посетата во Јордан туку урми, тврдат од Министерството за надворешни работи, по пишувањата на А1 Он.
Османи, во официјална комуникација со медиумите рече дека не добил Ајфон, ниту, пак, други драгоцени предмети биле споделени при посетата. Сепак, што навистина донел Османи од Јордан и како го пријавил јорданскиот подарок, од понеделник ќе проверува државната комисија за спречување корупција.
Именуваните функционери имаат обврска според законот да го пријават секој подарок. Упатството јасно укажува дека примањето подароци е спротивно од интегритетот на функционерот и угледот на државата. А, според законот на антикорупционерите постои и законска обврска подароците да се пријавуваат во антикорупциска. Таков документ не е пристигнат од МНР.
Ајфонот за кој пишува јавноста е наводно позлатен со дијаманти и достигнува цена од неколку илјади евра. Законот, пак, за надворешни работи, поточно членот 73 пропишува дека дипломатски службеник „не треба да прима подароци и други материјални средства, освен вообичаените лични подароци од мала вредност во согласност со прописот.
Во својство на претседавач на групата медитерански партнери за соработка на ОБСЕ, Османи заедно со неговиот колега од Јордан, Ајман Сафади, во октомври лани ја предводеа Медитеранска конференција на ОБСЕ.