Османи на гробот на Мајка Тереза во Калкута


 

 Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рамки на официјалната посета на Индија, положи цвеќе на гробот на Мајка Тереза во Калкута, изразувајќи најдлабока почит и гордост дека „најисклучителната жена во светот – светицата на целиот свет доаѓа токму од нашата земја“. Тој ја посети и црквата каде што Мајка Тереза го помина најголемиот дел од животот, кој не бил само нејзин дом, туку и дом на многу беспомошни и помалку привилегирани, соопшти МНР.

-Сведочејќи како изгледал нејзиниот живот, скромноста на една толку голема личност не остава никого индифирентен и без чувство на одговорност кон нејзиното наследство и мисија – да се помогне на најранливите и да се нахранат и најсиромашните, но не само со леб, како што знаеше таа да каже, туку и со љубов и почит, рече Османи на средба со сестрите на милосрдието, кои ја продолжуваат мисијата на Светата Тереза.

Министерот ги истакна и  нејзините дела кои извираат историјата, културата и вредностите  кои  биле длабоко врежани во неа и на кои треба постојано да се потсетуваме – почит и толеранција.

– Од нејзиниот живот е очигледно дека Мајка Тереза се придржувала до екстремна флексибилност и приспособливост во однос на различните култури и етнички групи, карактеристики кои сум сигурен дека биле длабоко врежани во неа и во начинот на кој била воспитувана уште од најрана возраст од нејзиното семејство во Скопје. Овој концепт ги надмина и продолжува да ги премостува бариерите на религијата и етничката припадност и ги нагласува идеите за толеранција и хармонија во однос на сите различности, нагласи Османи.

На агендата на Османи се и средбите со градоначалникот на Калкута, Фирхад Хаким, како и со претседателката на Инвестицискиот Самит на Западен Бенгал, Вандана Јадав.