Османи му го честиташе изборот на Блинкен


 Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес упати писмо честитка до Ентони Блинкен, државен секретар на Соединетите Американски Држави.

„Ми претставува особена чест и задоволство да Ви упатам срдечни честитки по повод именувањето за државен секретар на Соединетите Американски Држави и воедно, да Ви посакам успех во извршувањето на оваа  одговорна функција“, напиша Османи на честитката.

Министерот Османи истакна дека е длабоко уверен дека за време на мандатот на државниот секретар Блинкен, Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави ќе работат уште посилно кон продлабочување на односите меѓу две држави и со заеднички напори успешно ќе се справат со предизвиците кои стојат пред нас.

„Верувам дека новата администрација и вие лично ќе имате поангажиран пристап кон Западниот Балкан, со што ќе го зацврстите глобалното и транс – атлантско лидерство на Соединетите Американски Држави“, нагласил Османи.

Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави негуваат традиционално пријателство и соработка која се темели на стратегиско партнерство, сојузништво и споделување на заеднички демократски вредности и определби.

“Дозволете ми во оваа пригода да ја истакнам благодарноста за партнерскиот однос и цврстата поддршка на Соединетите Американски Држави за остварување на стратешките национални приоритети на Република Северна Македонија, што води кон долгорочна стабилност и просперитет не само на нашата држава, туку и на регионот“, наведува на упатената честитка Министерот Османи.