Османи ќе го посети претепаниот секретар на бугарскиот клуб

Бугарија очекува надлежните органи во Северна Македонија да преземат итни активности за откривање, изведување пред лицето на правдата и казнување на сторителите на кривичното дело, имајќи ја предвид сериозноста на делото.
-Очекуваме земјата која ја декларира својата желба да биде дел од Унијата заснована на слобода, демократија и владеење на правото, да вложи доследни и реални напори за исполнување на своите заложби поврзани со заштитата и гарантирањето на човековите права. За жал, последниве месеци сме сведоци на токму спротивните трендови во општеството на Северна Македонија. Постоењето на проблеми со правата на Бугарите во Северна Македонија не може да продолжи да се негира и од локалните власти и од меѓународните партнери. Очигледно, тоа само води кон нивно продлабочување и е неспоиво со членството во Европската Унија, стои во реакцијата од Софија.
Запрашан претходно дали се планира бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски да биде прогласен за персона нон грата во земјава, министерот Османи изјави дека МНР размислувало за тоа прашање, но се поставила дилемата дали со таквата постапка нема да се влезе во неговата приказна, да му се даде можност за промовирање и да се игра неговата игра.
– Мислам дека целта на господинот, колку што е да провоцира, е и да се промовира, да предизвика реакција кај нас и таа реакција да ја искористи во својата политичка промоција. Тој е маргинален лик, изјави Османи.
Тој нагласи дека партијата на Џамбаски на последните избори во Бугарија не влезе ни во Парламентот и на нив по секоја цена им треба внимание, а бидејќи не можат да го провлечат во нивната земја, се обидуваат тоа да го направат со провокации кај нас.
– Не сакаме да им дадеме премногу тежина на такви маргинални провокатори. Ако тоа беше изјава на министер, на пратеник во бугарското Собрание, тоа ќе имаше други импликации. Меѓутоа ние сега да правиме приказни од провокатори, кои не ги сака ни нивното општество… Извинете, но не сакам да ја играм нивната игра, додаде Османи.