Османи ќе ѝ предложи на Владата излегување од Отворен Балкан
Кај министерот за надворешни работи нештата се прекршиле со инцидентот во Бањска на северот од Косово. Тој сега го застапува истиот став како и албанската опозиција
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, поради инцидентот во Бањска на северот од Косово, кога имаше пресметка со парамилитарни српски структури, сака да биде напуштен целиот проект Отворен Балкан во кој беа вложени многу труд, енергија и политички желби. Таков предлог тој ќе достави до Владата кога ќе се расправа на таа тема.
Со неговата денешна изјава тој го зазеде истиот став како и албанската опозиција, но во исто време ѝ порача дека таа сакала со таквиот предлог политички да профитира. Тој уште додаде дека по инцидентот во Бањска не присуствувал на ниту еден состанок на иницијативата Отворен Балкан.
Така, македонското учество во Отворен Балкан може да стане жртва на предизборните битки во албанскиот политички кампус во ситуација, кога и двете структури се повикуваат на албанскиот премиер Еди Рама.
Оваа најава на Османи доаѓа по објавата дека водечките вина од Србија, Македонија и Албанија ќе бидат претставени во павилјонот „Винска визија на Отворен Балкан“ организиран од Стопанската комора на Србија на саемот за вино „Винитали“ во Верона од 14 до 17 април, пред околу 1.200 најголеми купувачи и бројни учесници и посетители.
Османи не објасни што би значело тоа за веќе постигнатите договори за единствен пазар на трудот, за транспортерите, единствени гранични контроли…
„Ова што го прави опозицијата е непознавање на регионалната соработка, непознавање на меѓународните прилики и обид да профитираат ситни политички поени на теми што не ги знаат. Тоа е нивната најголема слабост и што не ја знаат надворешната политика. Немаат искуство и претендираат да влезат во еден ринг со луѓе коишто цел живот го посветиле на оваа тема“, рече денеска Османи на новинарско прашање по прес-конференција во МНР.
Тој му ја припиша на Еди Рама заслугата за Отворен Балкан, нагласувајќи дека тоа била негова идеја како обид за помирување, односно, како што рече, „една егзит стратегија за Србија да може да воспостави односи со Косово, па и меѓусебно признавање“. Според него, по настаните во Бањска немало состанок или наше присуство на Отворен Балкан.
Веднаш по настаните во Бањска лани во септември Османи изјави дека доколку се докаже вмешаноста на Србија во инцидентот Македонија треба да го преиспита учеството во Отворен Балкан.
Во исто време денеска, Бујар Османи го повика Израел да не одговара на нападот на Иран за да се смири тензијата на Блискиот Исток, затоа што таков потег би бил контрапродуктивен.
„Во Отворен Балкан ние не сме присуствувале после Бањска, бидејќи тоа беше мојот став тогаш, бидејќи беше веднаш после настанот. Реков ако се потврди дека Белград има вмешаност, тогаш навистина го прави невозможно, бидејќи идејата на Отворен Балкан беше поинаква. Беше идеја да се воспостави една можност за Србија и Косово полека да почнат да создадат предуслови за меѓусебно признавање и воспоставување дипломатски односи, како една од иницијативите покрај економската соработка, итн. Се разбира секоја држава ја истакнуваше својата перспектива. Некои ја истакнуваа економската соработка, некои ја истакнуваа мобилноста на граѓаните, некој го истакнуваше помирувањето. Ние, зборам сега и како политичка партија, ако можам да кажам во тоа гледавме можност за помирување и меѓусебно признавање, бидејќи таква беше идејата на премиерот Рама. Меѓутоа, ова со Бањска навистина ги наруши тие односи. Затоа јас веќе не присуствува на тие средби, и нема да присуствувам“, вели Османи.
Прашан да појасни дали Македонија е сѐ уште членка на Отворен Балкан, тој вели дека е тоа негов став да не присуствува на состаноци на оваа иницијатива.
„Ова е мој став кој што на првата седница на којашто ќе се разговара за оваа тема јас ќе ги презентирам податоците коишто ги имам преку мојот пристап до информациите на НАТО и на ЕУ, и на партнерските земји, и ќе го предложам тоа“, вели Османи.
Тој најави дека како претседателски кандидат на „Европскиот фронт“ и на ДУИ планира да воспостава нова претседателска иницијатива, Самит на хармонзираните сто отсто со надворешната и безбедносна политика на ЕУ.