Османи: Изјавите на Курти за албанскиот јазик се скандалозни
Според Османи, македонската страна сметала дека албанскиот јазик треба да биде официјален само во општините со над 20% Албанци, додека албанскиот јазик на сите нивоа е изедначен со македонскиот.
Османи ја поврза изјавата на Курти со антиалбанската политика што, како што тврди, доминира во Македонија, и предупреди дека ова ја поткопува функционалноста на мултиетничката демократија во земјата.
Арбен Таравари, министер за здравство во Северна Македонија, пак изјави дека косовскиот премиер Албин Курти не згрешил кога зборувал за улогата на албанскиот јазик во Македонија, додавајќи дека барањето е да се промени законот. Според Таравари, во законот за јазици е прецизирано дека службен јазик се смета јазикот што го зборуваат повеќе од 20 отсто од населението, а според него, барањето е да се отстрани процентот. Таравари додаде дека проблемот е во три члена од Законот за јазиците.
„Премиерот Албин Курти беше коректен, тоа не е Законот за албански јазик. Во Уставот на Северна Македонија службен јазик е македонскиот јазик и јазикот кој го зборуваат повеќе од 20 проценти од населението. Во законот е вклучен и албанскиот јазик. Стратешката грешка е што не инсистиравме во одредени моменти да се повлечат 20-те проценти“, рече Таравари во „Интерактив“ на КТВ.
Тој го обвини албанскиот политичар Али Ахмети дека не направил ништо во овој поглед, додавајќи дека тој бил на власт во изминатите години.
Косовскиот премиер вчера на заедничката прес-конференција со премиерот, Христијан Мицкоски, изјави дека треба да се почека одлуката на Уставниот суд во Македонија кој го почитува повеќејазичниот карактер во земјата.
„Во Северна Македонија нема закон за употреба на албанскиот јазик ниту, пак, имало во минатото. Постои Закон за употреба на јазиците што го говорат најмалку 20 отсто од граѓаните. А, тоа не е закон за албанскиот јазик, туку Закон за употреба на јазиците“, изјави вчера Курти одговарајќи на новинарско прашање за можноста за загрозување на албанскиот јазик во Северна Македонија, поради тврдењата на ДУИ.
Тој заклучи дека во Северна Македонија не може да се каже дека албанскиот јазик е службен јазик и дека сега е под закана, бидејќи тоа не е вистина.
Мицкоски пак рече дека судиите што во моментот се дел од Уставниот суд се избрани судии во време кога на власт беа Демократската унија за интеграција (ДУИ) и Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), и не му е јасно од каде впечатокот дека ВМРО-ДПМНЕ е семоќно, контролира и има влијание. Според премиерот ова прашање се актуелизира од страна на политичари што се темни сенки од минатото, што не можат да се слушнат да говорат за предлози и реформи во економијата, даночниот систем, образованието, туку единствената карта на која ја темелат децениската кариера е криминал и корупција и етнички конфликти.
Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, реагираше исто така во врска со неговите коментари за Законот за јазиците. Ахмети истакна дека Охридскиот договор е постигнат со крвта на мачениците и е оживеан со најдобрите синови на ОВК кои го продолжија својот идеал во ДУИ, „додека ДУИ е жива, во опозиција или на позиција, нема да толерираме да биде погоден Охридскиот договор’.