Османи и претставниците на македонските Бугари се договорија да ги смируваат тензиите


Претставниците на македонските Бугари, Ѓорѓи Трендафилов  од ГДУ и Љупчо Ѓоргиевски од клубот „Ванчо Михајлов“ на денешната средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи побарале и тој и тие да посредуваат за смирување на тензиите во земјава бидејќи „во експлозивна атмосфера не е возможно да се донесат квалитетни, рационални, политички решенија што е во интерес на граѓаните на земјава“.

 Трендафилов рече дека со министерот Османи имале корисни разговори кои на некој начин биле продолжение на нивните разговорите од Брисел, за чија содржина како што рече министерот бил добро упатен.

– Го известивме за содржината на разговорите со еврокомесарот Оливер Вархеи и со групации од Европскиот Парламент, кои ќе се обидат со нивните политички истомисленици и групации овде во Македонија да помогнат да се смират тензиите на релација Скопје-Софија и во порелаксирана атмосфера да почне да се спроведуваат одредбите  од Договорот со Бугарија и од францускиот предлог, за да може Македонија по извештајот за напредокот во октомври да ги отпочне официјално преговорите со ЕУ, изјави Трендафилов.

Според него, со Османи се согласиле дека секоја помош и поддршка  ќе биде драгопцена за земјата за периодот што доаѓа, што веројатно се однесува на тешките услови за остварување на уставните промени. притоа Трендафилов порача дека македонските Бугари ќе работат  на тоа  што повеќе да се релаксираат односите. Иако на средбата бил преставник на клубот „Ванчо Михајлов“ за проблемот околу новите услови за регистрација според него не се разговарало, но Ѓеорѓиевски лично му пренел дека ќе преземат правни дејства.  

Што се однесува до обвинувањата за говор на омраза во одредени медиуми, Трендафилов кажа дека таа тема била спомената на средбата, но се обидувале да не дозволат да доминира. Тој додаде дека не разговарале за интервјуто вчера на Христојан Пендиков, а генерално оцени дека таквите теми  биле осудени од Вархеи и сите политички фракции, кои очекуваале во двете држави  да бидат откриени и казнети виновниците, за да не се случи она што се случи на границцата на 4 февруари. Одговарајќи, пак, на новинарски прашање, во однос на извештајот од Советот на Европа дека нема системска дискриминација во земјава рече дека негово право е да не се согласи со таа оценка.

За средбата со соопштение се огласи и Министерството за надворешни работи.

„На средбата, која помина во позитивна атмосфера, беа размените мислења за прашања кои ја засегаат бугарската заедница во Северна Македонија, предизвиците со кои се соочуваат здруженијата, како и можностите за подиректна и поинтензивна соработка со државата“, пишува во соопштението од МНР.

Од Министерството додаваат дека на средбата било изразено задоволство од директниот пристап во размената на мислења, како и интенцијата за повторна средба и засилена динамика на комуникација, со цел подиректно вклучување на бугарската заедница и здруженијата кои нив ги претставуваат во рамките на редовната соработка на државата со граѓанскиот сектор.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска, оствари средба со Ѓорѓи Трендафилов и со Љупчо Горгиевски, претставници на различни организации на бугарската заедница во Северна Македонија. 

На средбата, која помина во позитивна атмосфера, беа размените мислења за прашања кои ја засегаат бугарската заедница во Северна Македонија, предизвиците со кои се соочуваат здруженијата, како и можностите за подиректна и поинтензивна соработка со државата. 

На средбата беше изразено задоволство од директниот пристап во размената на мислења, како и интенцијата за повторна средба и засилена динамика на комуникација, со цел подиректно вклучување на бугарската заедница и здруженијата кои нив ги претставуваат во рамките на редовната соработка на државата со граѓанскиот сектор, стои во соопштението од МНР, кое не извести воопшто за средбата.