Османи ѝ прати поддршка, Захариева му врати со протест
Владимир Крстевски, раководител на амбасадата на Република Северна Македонија во Софија, бил повикан денес на состанок во Министерството за надворешни работи со в.д. директор на Дирекцијата за Југоисточна Европа, Ива Крулева.
Ова се наведува во изјавата на Министерството за надворешни работи за медиумите. Според него, Крстевски бил повикан по наредба на министерката за надворешни работи Екатерина Захариева.
„Причината за разговорот се честите манифестации на говор на омраза и дискриминација во Република Северна Македонија од страна на службени лица против граѓани на земјата кои декларирале бугарски идентитет или дури и симпатија кон Бугарија и нејзиниот народ“, се додава во соопштението.
Бугарската страна исто така изразила „длабока збунетост и разочарување од големата негативна кампања во Република Северна Македонија против претставникот на Скопје во музичкиот натпревар Евровизија 2021, Васил Гарванлиев“, бидејќи, според нив, тој исто така има бугарско државјанство. „Тој веќе предизвика контроверзии откако во официјалното видео се појавија боите на бугарското знаме“, стои во соопштението на бугарското МНР.
„Освен денешната средба, бугарската страна за споменатите случаи информираше претставници на меѓународни и регионални организации, амбасади на земји-членки на ЕУ и други партнери. Бугарија ќе продолжи да ги вложува сите потребни напори во согласност со принципите на меѓународното право, за да ги штити правата на бугарските граѓани и граѓаните кои прогласуваат бугарски идентитет, каде било во светот“, се заклучува во соопштението.