Бујар Османи горд, Македонија го спаси ОБСЕ

Постигнат е договор за продолжување на мандатот на генералната секретарка Хелга Шмит и на трите клучни независни функции, но нема согласност за буџетот


 

ОБСЕ е спасено – објави шефот на дипломатијата Бујар Османи на заедничката и завршна прес конференција со генералната секретарка Хелга Шмит и со идниот претседавач, министерот на Малта, Јан Борг.

Како што соопшти, постигнат е договор за продолжување на мандатот на Шмит и на трите клучни независни функции (преставници на ОДИХР, за слободата на медиумите и за малцинските права), договорено е иден претседавач да биде Малта, но и натаму нема согласност за буџетот на Организацијата, или поточно договорена е и зголемена сумата, но не и темпото како да се троши, поради што парите ќе се трошат на месечна основа и тешко ќе се планираат активностите.

Османи потсети дека договорот е постигнат во исклучително тешки околности при што нескромно го припиша на успешната дипломатија, а не на отстапки кон Русија, односно како што рече – не со пазарење за принципите и активностите на Организацијата.

Но, ни тој ни идниот претседавач не кажаа јасно дали практично се симнаа трајно санкциите за Сергеј Лавров во Европа и дали ќе дојде и на идниот состанок во Малта. Османи договорот го нарече историски, а на македонските новинари, па и јавноста во земјата, им порача да престанат со потценувањата на македонската дипломатија и на капацитетите на македонската држава и да си ја вратиме довербата во институциите.

„Денес ја спасивме од пропаст најкомплицираната организавција“, порача Османи нагласувајќи дека тоа е постигнато без правење компромис за принципите на ОБСЕ и неговите заложби. 

„Ова што го правиме не е за нас. Ние сме тука да им служиме на целите на Организацијата“, додаде Шмит, по што и таа и Османи изразија доверба во Малта како нов претседавач, а Борг најави дека прва цел ќе им биде да запре војната во Украина – иако Русија застана зад нивната кандидатура.

За дилемата дали по состанокот Русија е посилна или послаба, Османи рече дека веќе имало дебата во ОБСЕ дали да се исклучи како членка во Организацијата, дека таква одлука по принципот „консензус минус еден“ била донесена веќе еднаш за масивно кршење на човековите права за Југославија, но во ова време така не функционира ОБСЕ бидејќи никогаш не ни била организација на земји што делат исти ставови и бидејќи консензусот е нејзиниот „ДНК“. Сепак тој се огради од негативните реакции со пораката дека Лавров не дошол ниту во Скопје, ниту во Македонија, туку во ОБСЕ, како што претходно бил и во Обединетите нации. 

Околу обвинувањата на Лавров дека ЕУ и САД го дестабилизираат Балканот Османи рече дека има спротивен став и дека тоа важи токму за Русија која, според него, користи прокси играчи за тоа, споменувајќи го мешањето во референдумот за влез во НАТО во Македонија, како и другите мешања во БиХ, Србија и индиректно Косово. Според него, зад секој успех на Македонија, а пред сѐ за станувањето модел за мултиетничка демократија во регионот, стојат САД и дека без секојдневната американска поддршка Македонија немала да биде тоа што е денес.

„ЕУ и САД се единствените што овозможуваат трансформација на подобро во регионот“, порача Османи на прес-конференцијата. 

Околу дилемата како Малта ќе ја брани слободата на медиумите по убиството на истражувачката новинарка Дафне Каруна Галиција во 2017 година, кое одекна силно во Европа, Борг одговори: 

„Таа ја плати највисоката цена и тоа е еден од најцрните денови во историјата на Малта“, додавајќи дека како претседавач се решени да продолжат со сите активности околу ова прашање почнати во ОБСЕ и од Македонија ко претседавач.