Османи го повика Мицкоски да му се јави по телефон ако сака информации за Бугарија


Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, порача денес  дека идејата за Берлинскиот процес е поттикнување на регионалната соработка и забрзување на евроинтеграцијата на земјите од регионот. Затоа, неодржувањето на меѓувладината  конференција со ЕУ во декември ќе биде неуспех за сите, за Македонија, за Бугарија и за германското  претседателство.

Околу ставот на премиерот Зоран Заев дека граѓаните треба да се подготват дека  местможе да нема почеток на преговорите со ЕУ во декември, Османи рече дека потребата за консензус за преговарачката рамка е една од 130-те потреби за консензус што во просек треба да се случат во текот на преговорите. Според него, треба да се навикнеме дека влегуваме во процес кој бара постојани потреби за консензус од сите земји членки.

-Ние сме веќе во процес на започнати преговори, сега разговараме за преговарачката рамка која ја дава содржината на преговорите, нагласи Османи, додавајќи дека треба да се подготвиме за тоа дека треба да ги убедуваме сите 27 земји членки секогаш кога ќе  треба да направиме следен чекор и треба да сме подготвени за овие 130 можни потреби за консензус.

– Треба да прифатиме дека отсега ќе треба да бараме консензус со 27 земји-членки. Во сите 130 чекори може да се случи една земја членка да не даде потврда. Во однос на Бугарија, јас мислам дека постои простор и разбирање од двете страни за важноста на постојниот момент и со работата на комисиите и политиката да најдеме начин за напредок, изјави Османи.

Тој го парафразираше претседателот Пендаровски дека се што ни се случува однадвор не и се случува само на Владата туку на сите гаѓани, вклучувајќи ја и опозицијата и дека оттаму не треба да влегуваме во меѓусебни политички битки околу овие прашања бидејќи за нивно решавање е многу  важна внатрешната кохезија.

-Мицкоски го има мојот број и може да ми се јави, јас сум подготвен да комуницирам со него на дневна основа. Не е добро за овие прашања да се шпекулира на дневна основа.Основната порака за време на мојата посета на Софија беше пренесена од премиерот  Бојко Борисов кој рече дека не сака Бугарија да дојде во ситуација да ја блокира Македонија и дека очекува пробив во работата на Мешовитата историска комисија. Основната порака е таа и врз основа на неа се обидуваме да ја интензивираме комуникацијата. Добро е што Комисијата продолжи со работа во Скопје. Ги охабруваме да најдат заеднички точки на приближување, а ние ќе продолжиме да разговараме на сите политички нивоа ако има одредени недоречености. Јас уште на првата прес конференција кажав за што може да се разговара,а за што не, рече Османи.

Тој оцени дека Комисијата досега има подуцирано средби  што во споредба со сличните комисии е голема фреквенција.

-Ваквите комисии се сретнуваат вообичаено еднаш или двапати годишно, нашата девет пати. Резултати има од нивната работа, но очкуваме да продолжат и да најдат решенија, рече Османи.

Тој смета дека кое било решение што ќе се постигне како консензус, само ќе не ослободи од негативната енергија во нашите односи.

-Се чувствува една тензија, едно ниво повеќе на недоразбирање, а сметам дека причината за тоа е намалената динамика на прегвоорите. Затоа со студена глава им пристапувам на овие прашања и сметам дека има простор за надминување на недореченостите. Има чувство кај нив дека Договорот не е доволно имплементиран. Ова се тешки теми, бараат анализи, во Комисијата не седат политичари туку историчари кои размислуваат поинаку…Сакаме во идната комуникација да ги тргнеме тие дилеми, да создадеме амбиент и да ги охрабриме да најдат решение. Знам дека има страв кај нас дека решението може да наштети на идентитетот, но сметам дека треба да имаме повеќе самодоверба. Не треба да дозволиме да не водат емоции, дневно-политички агенди, рецидиви од минатото и чувство дека посебноста треба да се гради на анти-бугарски сентимент, мислам дека тоа штети на процесот. Мораме да влеземе во ментален модус на самодоверба. Никој не може да не загрози, ние сме членка на НАТО, рече Османи.

Одговарајќи на новинарско прашање тој нагласи исто така дека не е во согласност со Договорот за добрососедство и соработка и со работата на Комисијата присвојувањето на Св. Кирил и Методиј бидејќи комисијата за нив има постигнато консензус и дефинитивен текст. Секое поместување, рече Османи, од тоа што го работи Комисијата значи дека се минира целиот процес.

– Сметам дека бидејќи е само во прво читање, по оваа комуникација сега и оваа сериозна порака, дека не бегаме од обврските од Договорот, како што не очекуваме и Бугарија да бега од своите обврски од членот 2 за поддржување на евроатлантските перспективи на земјата, и ова ќе се изменаџира, рече Османи.

Тој изнесе и детал од разговорите со министерката Екатерина Захариева која забележала дека некои се обидуваат  да создадат перцепција дека тие го спорат македонскиот јазик.

Османи на прес конференцијата најави исто така дека го вратил на дорабока Законот за надворешни работи што беше подготвен во време на претходниот министер Никола Димитров, дека имал состанок со синдикатите во МНР и дека е формирана работна група околу него,  бидејќи само условно бил поминат во владина процедура.

 

а и на комисиите.