Османи до Рау: Решивме предизвици што за многумина беа невозможна мисија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари телефонски разговор со шефот на дипломатијата на Полска, Збигњев Рау, за да размени мислења за актуелни прашања од билатералните односи помеѓу двете земји, соработката во рамките на меѓународните организации и за евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија.Притоа Османи му порачак на Рау дека државата активирала огромна политичка енергија за да ја врати земјата на патот на ЕУ.
– Решивме непремостливи предизвици кои на сите им се чинеа како невозможна мисија. Успеавме зашто имавме силна мотивација – европската перспектива за нашата земја и за нашите граѓани. Ние велиме овој процес нема алтернатива. Верувам дека со нашите пријатели и соседи ќе го надминеме проблемот и ќе бидеме повторно пример за моќта на дипломатијата и дијалогот. Секој проблем е различен и специфичен, но дијалогот и дипломатијата остануваат најдобриот пристап во нивното решавање. Како политичари во своите земји им должиме на граѓаните да ги решаваме проблемите, да го одржуваме мирот, и да создадеме услови за развој и подобар живот за сите, нагласил Османи.