Османи: Блокадата од Бугарија е неуспех, но конечната одлука се носи на Советот на министри


Неуспехот денеска да се постигне согласност и да се поддржи усвојувањето на Рамката за преговори за Северна Македонија не е добра вест, но сепак, не значи дека на наредните состаноци нема да се постигне согласност. Конечната одлука се носи на Советот на министри, што треба да се одржи за една недела, и овој простор од неколку дена треба дополнително да го искористиме, посочи шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Тој во вечерашното гостување во вестите на Сител, посочи дека ова се само дополнителни состаноци на кои прелиминарно се искажуваат ставовите на земјите членки преку нивните амбасадори во ЕУ, но на крај ќе мора да се соберат министрите и да ја донесат конечната одлука.

Додаде дека одлуката за одобрување или не на преговарачката рамка се носи на Советот за општи работи кој што е одложен за една недела наместо на 10 ќе биде на 17 ноември, и со тоа според Османи, се добива дополнителен простор за разговори.

-Денеска имаше обид на ниво на подготвителни состаноци на ниво на амбасадори на земји членки да се постигне одредена согласност и очигледно според информациите дека не е постигната согласност бидејќи по однос на текстот на преговарачката рамка претседателството се обидува да срочи текст кој е приофатлив за сите 27 земји членки. Очигледно дека не е постигната согласност, се надевам дека ќе има дополнително такви подготвителни состаноци на ниво на амбасадори за потоа на ниво на министри кога ќе се одржи Советот за општи работи да се донесе таа одлука, рече Османи.

Шефот на дипломатијата се заблагодари на германското претседателство кое според него, навистина покажува исклучителен принципиелен и проактивен став за да се срочи текст кој што ќе биде и прифатлив за нас бидејќи, посочи, преговарачката рамка на крај мора да ја прифати змејата за кого се однесува.

-Ние мора да работиме до последната минута од овој процес за да издејствуваме позитивен исход, рече Османи.

Тој појасни дека тоа што Бугарија го спорела по однос на овој текст е интерпретација на краткото име, односно дополнителните објаснувања по однос на тоа дали краткото име се однесува на државата или и за некој историски регион.

-Сметам дека има простор да се направат објаснувања дека Република Северна Македонија нема никакви територијални претензии и дека ова решение од Преспанскиот договор и долгото и краткото име се однесуваат на политички ентитет на државата Република Северна Македонија. Го покренуваат и прашањето на јазикот и Бугарија има право да си го задржи својот став по однос на тоа прашање, но тоа не значи дека тој став треба да биде префрлен на став на ЕУ,  или став на земјата кандидат, и сметам дека тука има простор да се издвои тој став на Бугарија од ставот на ЕУ, додаде Османи.

Прашан дали со денешниот потег е прекршен Договорот за добрососедство од 2017 година Османи рече дека ако истата одлука би се донела и на Советот, тоа ќе значи прекршување на член 2 од Договорот кој што предвидува поддршка на Република Бугарија за евроатланската интеграција на Северна Македонија, и тоа според него, ќе има сериозни последици и по внатрешната динамика, и по односите, но и по регионалните прашања.