Османи: Бевме цел на хибриден напад дома, можна е кривична постапка


Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, изјави денес дека тој, други министри и политичките партии во државата кои требаше да ја бранат позицијата на Македонија во преговорите со Бугарија биле цел на хибридни закани во земјата, при што навести можна истрага која, ако покаже дека станувало збор за организирано сценарио за уривање на државната позиција, може да заврши и со кривична одговорност. 

-Имавме хибридни  закани за министри и политички партии  со кои се правеа обиди да се урне нашата државна стратегија  и државните позиции за спорот со Бугарија, кои можат да се исчитаат во контекст на  кривични постапки. Некој се обидуваше да ја урне нашата позиција. Тие хибридни закани треба да се истражат, да се види  дали се дел од некои сценарија, бидејќи можно е некои да избрзаа и се вклучија од наивност, но некои учествуваа свесно и организирано, рече Османи, на првата прес конференција по враќањето од Брисел. 

Тој во ракавици и индиректно, без да го посочи, практично го нападна еврокомесарот Оливер Вархеи каде еден од  европските преставници кои не пристапиле чесно на преговорите на Македонија со Бугарија, оценувајќи истовремено дека спротвно од него, француските преговарачи  се обидувале да бидат чесни посредници. Според него,  преговарачката рамка што ја дале, ја дале во цајтнот, со недефинирани и неусогласени делови во заграда, со цел да покажат дека тоа се спорните ставови кои треба да се усогласуваат деновиве и така да дадат шанса за решение. 

-Тие се обидуваа да бидат чесни посредници, иако последниве денови видовме дека имаше други кои работеа обратно.Француските преставници беа многу внимателни и најтешко им беше што немаа адреса за разговор во Бугарија . Таму беше таков хаос, не знаеја со кого да се сретнат, рече Османи додавајќи дека поради тоа не држат нападите на француското претседателство кај нас. Тој потврди дека ние сме биле со француските преставници во постојана комуникација и сме ги искажувале нашите ставови и забелешки, и дека веднаш откако било најавено дека недоговорената рамка ќе биде сепак испратена на разгледување во ЕУ, сме ги испратиле своите резерви, но тоа не било објавено заради гласањето доверба на владата во Бугарија и пријателската сугестија од надвор дека во спротивно, би влијаеле на исходот таму.