Ослободен е рускиот службеник во мисијата на УНМИК, кој беше уапсен од косовската полиција
Правосудните институции во Косово го ослободија рускиот државјанин, вработен во Мисијата на Обединетите нации (УНМИК), кој беше уапсен од косовската полиција за време на акцијата во северниот дел на Косово.
Специјалниот обвинител на Косово, Сил Хоџа, за Радио Слободна Европа потврди дека го ослободија бидејќи има дипломатски имунитет и не може да биде задржан во полиција.
Во врска со апсењето на рускиот државјанин во текот на денот реагираше и руската амбасада во Србија. Рускиот амбасадор, Александар Чепурин рече дека Русија цврсто ја осудува акцијата на специјалните сили во северот и дека бараат итно ослободување на Русите.
“Силно ја осудуваме акцијата на Специјалните сили на Косово во северниот регион на Косово, населен со Срби, кој е исклучително опасен и е во спротивност со сите постоечки договори. Ние сме револтирани од провокацијата на приштинските власти над рускиот државјанин, соработник на УНМИК, Михаил Красножев. Бараме итно ослободување на Русите и повикуваме на одговорност на сите оние кои се виновни за овој инцидент “, додаде Чепурин.