„Оскари“: Вкупно 25 номинирани и годинава ќе добијат подароци вредни илјадници долари


Номинираните за „Оскарите“ и годинава ќе добијат вредни подароци, со ваучери за патување и престој во хотели со пет ѕвезди, објавија американските медиуми.

Слоганот на маркетинг-агенцијата „Дистинктив асетс“ (Distinctive Assets), којашто секоја година ги доделува наградите е – „Сите се победници“. Тука спаѓаат номинираните во главните категории  најдобра машка главна и споредна машка улога, главна и споредна женска улога и режисер. Тоа значи оти 25 познати личности ќе ги добијат овие скапи подароци, меѓу нив и – Тимоти Шаламе, Деми Мур, Адријан Броди и Зои Салдања.

Годинава не се знае колку точно, и вкупно, чинат подароците, но лани номинираните уметници добија „споредни награди“ од околу 165.000 евра.

Меѓу најскапите подароци се патувањата – петдневен престој во луксузен велнес центар во Шри Ланка, четиридневен престој во луксузно одморалиште на Малдиви и одмор во хотел со пет ѕвезди во Барселона, Шпанија.

Номинираните за Оскар ќе добијат и третман за тело во центар за липосукција, како и пакет производи за нега на кожата, накит, слатки задоволства, алкохолни пијалоци, облека и чанти.

А, самата награда „Оскар“ е позлатена статуетка од британиум на црна метална основа, долга 13,5 инчи (34 сантиметри) и тешка 3,85 килограми. Прикажува исправен маж во стилот на „Арт Деко“, кој држи меч додека стои на ролна филм. Академијата обично не ги организира подароците, туку маркетинг-агенцијата којашто обезбедува подароци и на други слични свечености.