Оштетени камерите што откриваат пожари во Националниот парк Пелистер
БИТОЛА – Оштетени се двете камери поставени на местото „Превалец“ од каде Националниот парк „Пелистер“ Битола врши мониторинг на позиции од Баба Планина за навремено откривање и превенција на пожари. Непознатите сторители не ја зеле опремата, но со оштетување ги ставиле надвор од функција камерите за да не снимаат.
Камерите се поставени на столбови од 4 метри висина, на една стратешка позиција во шумата, на местото „Превалец“ од каде се гледаат многу позиции што се во заштитената зона. Сомневањата се дека опремата не е случајно оштетена, можеби се работи за дрвокрадци пред почетокот на грејната сезона.
Камерите се поставени пред две години како донација од прекуграничниот проект со Република Грција и Воена академија „Михајло Апостолски“ со намера да вршат надзор на заштитеното со закон подрачје, и се вмрежени со Министерството за одбрана.
„На локација ‘Превалец’ на многу стратешко место, од каде се набљудува скоро цел Пелистер поставени се два камери кои што служат за набљудување и рана детекција на пожари, но при редовна контрола на ренџерот, викендов, откриено е дека дел од опремата е оштетена. Кутиите се оштетени, а камерите се дисконектирани“, вели Зоран Пројчевски, шумарски инженер.
Позицијата каде се поставени камерите е на надморска височина од 1.100 метри, на земјиште на „Национални шуми“ и имаат увид на потпелистерките села Ротино, Цапари, Братиндол, Кажани, Нижеполе до Црвени Петли…

Шумарскиот инженер Пројчевски вели дека „Превалец“ е видиковец од каде се набљудува цел национален парк, оти пожарите во најголем број на случаи почнуваат од населените места и земјоделските површини со палење на стрништа и отпад, па се движат нагоре кон планината.
Случајот е пријавен во СВР Битола, а инспектори биле на терен со цел да се констатира штетата. Од Националниот парк се загрижени и велат дека функционирањето на камерите е повеќе од потребно за заштита на паркот не само од опожарување ами и од дива сеча.
„Постапивме и случајот го пријавивме во полиција со цел да се откријат сторителите и ќе поднесеме кривична пријава против непознат сторител. Не сакаме да ни се случи тоа што се случи во другите национални паркови во државата и во соседството. Опремата е наша, набавена преку европски проектот и е многу значајна за заштита од пожари на Националниот парк Пелистер. Со опремата досега успеавме да ги надминеме сите помали пожари кои се појавија ова лето и за тоа сме посебно горди како екипа во НП Пелистер“, вели директорот на НП „Пелистер“, Малиќ Шемшедини. (А.Б.)