Оружје и муниција откриени во контејнер за отпад во атинска населба

Рачна бомба; оксидирани делови од минофрлачки гранати, од огнено оружје и митралез; различни делови од оружја од Втората светска војна, но и 14 икони, биле пронајдени во контејнер за отпад во атинската населба Кесариани, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од грчката полиција, рано утрово биле информирани за оружјето и муницијата, а на местото веднаш пристигнале припадници на Службата за деактивирање на експлозивни направи заедно со полициски кучиња, каде што бил пронајден арсеналот.
Поконкретно биле откриени и конфискувани: две оксидирани рачки за активирање на рачна бомба, една офанзивна рачна бомба со детонатор, десет оксидирани глави од минофрлачки гранати, разни оксидирани тела од минофрлачки гранати, куршуми од различен калибар, расклопено рачно огнено оружје, разни оксидирани делови од оружја од Втората светска војна, три оксидирани делови од револвери, железна цевка од автоматско оружје од Втората светска војна, разни чаури, механизми од разни оружја од Втората светска војна, дел од митралез, два метални боксирачи, еден пар лисици, два пендреци на преклоп, разни додатоци за оружје и 14 икони.
Прелиминарна истрага спроведува Поддирекцијата за криминални истраги на полицијата во Атина.