Организаторот на „ковид оргијата“ вели дека не го познава унгарскиот европратеник
Новинарите од белгискиот дневен весник ДХ, кој го обелодени случајот со „ковид оргијата“ на која учествувал конзервативниот европратеник од партијата на Виктор Орбан, стапи во контакт со организаторот на оваа забранета забава во време на рестриктивни мерки поради вирусот, јави дописничката на МИА од Брисел.
Дваесетидеветгодишниот Давид за весникот раскажува дека редовно организира секс оргии во својот стан, во зградата на едно познато бриселско кафуле во центарот на градот, и близу полициска станица.
-Не знаев дека имало пратеник од Европскиот Парламент, не го познавам овој човек, кога организирам забави секогаш канам повеќе пријатели кои канат потоа и нивни пријатели, а потоа заедно се забавуваме, вели Давид Манзелеј, студент во Брисел.
Бриселската полиција вчера објави дека е прекината голема оргија во овој стан пред неколку дена и дека помеѓу 25-те мажи кои се наоѓале на забавата имало и неколку европски дипломати и еден европратеник. Подоцна пратеникот сам призна дека станува збор за него, Јожеф Сајер, од партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, која е отворено против правата на ЛГБТИ заедницата. Унгарските новинари пишуваат дека Сајер лично ги напишал уставните амандмани со кои се дефинира брачната заедница исклучиво како заедница меѓу маж и жена.
Давид, организаторот на забавата, која е забранета според правилата за спречување на ширење на коронавирусот, објаснува дека организира вакви журки секој месец, каде луѓето доаѓаат да се дружат и да пијат алкохол.
-Единствена разлика со обична забава е што некогаш имаме сексуални односи, не гледам ништо лошо во тоа, сите сме возрасни и согласни, вели младиот Давид, но признава дека е свесен оти ваквото собирање не е дозволено поради мерките за Ковид-19.
-Знаете на многу луѓе им е смачено од овие мерки, сакаме да се гледаме да се дружиме и бев многу внимателен. Поканив десет пријатели и тие имаа право да поканат свои пријатели само под услов тие веќе да го прележале вирусот или да немаат симптоми, не гледам каде е проблемот.
Но поради преголемата бучава, соседите пријавиле во полиција.
-Од еднаш еден куп полицајци се најдоа во мојот стан. Лична карта! Веднаш! Но ние не носевме ниту долна облека, како да им дадеме лична карта? Тоа уште толку ги разгневи полицајците, беа многу лоши и кажуваа многу грди работи за геј луѓето, раскажува организаторот.