Организацијата Трамп ќе ја гради првата кула во Австралија за 900 милиони евра

Станува збор за облакодер од 91 кат


Канбера – Американската компанија во сопственост на претседателот Доналд Трамп потпиша договор за изградба на својата прва кула во Австралија, во проект вреден 900 милиони евра (1,5 милијарди австралиски долари), што според инвеститорите треба да стане највисоката зграда во земјата.

Станува збор за облакодер со 91 кат планиран на Голд Коуст, во познатата туристичка област Сурферс Парадајс, во државата Квинсленд.

Проектот, развиен од австралиската група Алтус, ќе вклучува хотел и одморалиште со шест ѕвездички, 270 станови, продавници, клуб на плажа и базен, објави Ројтерс.

На веб-страницата на брендот Трамп Хотели се наведува дека името „Трамп“ сега се користи за прв пат за хотелски проект во Австралија.

Извршниот директор на Алтус, Дејвид Јанг, изјави дека работел на проектот речиси 20 години, велејќи дека ја контактирал Иванка Трамп во 2007 година за да ја предложи идејата за одморалиште кое би било најдобриот туристички имот во Австралија.

Според него, проектот сега е во фаза на интензивна подготовка за проектирање, инженерство и изградба.

Зградата ќе биде во сопственост на Австралија, а ќе ја градат локални изведувачи, во согласност со барањата за дизајн на компанијата Трамп. Почетните цени за становите би можеле да бидат околу три милиони евра (пет милиони австралиски долари), рече Јанг.

Доналд Трамп е основач и краен сопственик на Организацијата Трамп, а по влегувањето во политиката во 2017 година, тој формално го префрли управувањето на семеен фонд.

Организацијата ја водат Доналд Трамп помладиот и Ерик Трамп, кои се извршни потпретседатели.