Организациите на Бугарите во Македонија реагираат на барањата на ОМО „Илинден – Пирин“

Средбата за манипулирање на гласовите наводно се одржала во Ќустендил

Откако македонските организации во Бугарија издадоа Декларација во која ја осудуваат континуираната политика на негирање, дискриминација и асимилација водена официјално против Македонците во Бугарија, денеска организациите на Бугарите во земјава упатиле апел до бугарските политички лидери со барање за „заштита на нивните права“. На апелот потпишани се Љупчо Георгиевски, Елизабета Најдоска Величкова, Добре Митрев, Владимир Перев, Владо Треневски, Столе Велков и Петар Колев.

„Моментот е историски. Денес се исцртува иднината на нашите деца коишто сакаат да бидат слободни и достоинствени граѓани на нашата држава и на ЕУ. Бугарија треба да биде цврста и упорна во поддршката на нашата кауза“, пишува во апелот на организациите на македонските Бугари што го објави БГНЕС.

Потписниците на апелот се задоволни од настапот на Бугарија на самитот во Словенија, бидејќи, како што велат, излегла високо исправена и на останатиот дел од Европа му кажала каде е клучот за натамошното проширување.

„Клучот е во рамноправноста на сите народи од регионот и на оние делови од нив, кои по силата на сложената балканска историја денес живеат во соседни држави, меѓу други народи. Ние, македонските Бугари сме дел од таков народ, со десетлетија оттргнати од својата татковина. Претрпевме многу маки, страдања и понижувања, но опстанавме и покрај насилната асимилација“, пишува во апелот.

Потписниците на бугарските политичари им порачуваат дека сакаат „тие и нивните деца да го знаат нивниот, бугарскиот јазик, да пеат нивни песни и да се чувствуваат рамноправни и горди заедно со сограѓаните, без оглед на нивниот идентитет“. Откако обвинуваат дека „јазикот на омраза кон се што е бугарско, доминира во Македонија“, тврдат дека „секојдневен проблем им е да ги испраќаат децата на училиште, за да ги учат дека нивните роднини се фашисти, татари, монголи и што уште не. Затоа, за нас јасната принципиелна позиција на Бугарија дека Северна Македонија може да започне преговори само откако ќе се решат проблемите со нашата рамноправност, јазик, традиции, историја, споменици и се друго што е поврзано со нашиот идентитет е не само важна, туку е надеж за спас и единствен пат кон помирување“, велат потписниците на апелот.

Тие бараат од Бугарија да опстои цврсто на својата „аргументирана и јасна позиција“, а, како што велат, важна е поддршката за нивното барање да бидат внесени во македонскиот Устав, и за нивното правилно пребројување зашто „биле многу повеќе од 120 илјади кои што имале чест да бидат и граѓани на Бугарија“.

„Важно е оваа позиција да биде сфатена од сите членки на ЕУ, вклучувајќи ги оние на кои шаблоните на политиката на проширувањето им пречат да го видат очигледното. Ние, македонските Бугари, нашите права, идентитет и историја не можат да бидат предмет на преговори меѓу Софија и Скопје. Наше право и обврска пред нашите деца е да имаме своја улога кога се решава нашата иднина“, додаваат потписниците.

Во апелот се додава дека македонските Бугари се претставени од КЦ „Иван Михајлов“ – Битола, од Здружението „Македонско-бугарско пријателство“ – Скопје, Здужението „Трибуна“ – Прилеп, Здружението „Коридор 8“ – Скопје, Здружението „Интеракција“ – Охрид, Здружението „Единство“ – Кочани и други невладини организации, како и од политичката партија Граѓанско-демократски сојуз (ГДС). 

Премиерот Зоран Заев вчера одговарајќи на новинарско прашање во врска со Декларацијата на македонските организации рече дека сите правата треба да ги бараат пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, напоменувајќи дека не е европски, ниту добрососедски и пријателски, ние да се инволвираме во тоа што се случува во Бугарија, ниту пак сакаме некој да се инволвира кај нас. 

„Ја осудуваме политиката водена од Република Бугарија против Република Македонија, поставувањето на иритирачки услови пред нејзиното членство во ЕУ, а имено да се откаже од идентитетот на македонската нација, јазикот, историјата и да се одрече од македонското малцинство во Бугарија“, стои во Декларацијата на македонските здруженија во Бугарија.

Тие од Бугарија бараат да не го негира македонското малцинство, да го признае и да му ги даде сите права. Бараат Бугарија да го промени Уставот, така што во него јасно да бидат гарантирани правата на националните и етнички малцинства и да стане невозможно „единството на нацијата“ да биде користено против правата на малцинствата. Понатаму, бараат Бугарија да запре да ја уценува земјава и да ја деблокира нејзината евроинтеграција.
 
Организациите на Бугарите во земјава, пак во апелот, како што јави дописникот на МИА од Софија, изразуваат, како што велат, „поддршка за јасниот принципиелен став на Бугарија дека Република Северна Македонија може да започне преговори за членство во ЕУ само откако ќе ги реши прашањата за еднаквоста, јазикот, традициите, историјата, спомениците и се друго поврзано со идентитетот на Бугарите во земјата“.
 

Во документот, што го пренесуваат денеска дел од бугарските медиуми, тие наведуваат дека бараат само „елементарни работи“. „Нашите деца да може да се нарекуваат Бугари, а ние, како и сите други граѓани на Република на Северна Македонија, да можеме да работиме целосно и рамноправно за нашата земја и за нејзиниот економски, политички и социјален подем“, се додава во писмото потпишано од организации на Бугарите во земјава. Според нив, во земја „доминира јазикот на омраза кон сѐ што е бугарско“.

„Ние треба да го правиме она што го прават сите други земји, секогаш кога се јавуваат граѓани во други земји, а тоа е апелирање за почитување на меѓународните договори за сите и секогаш правата да ги бараат пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Не е европски, ниту е добрососедски, ниту е пријателски ние да се инволвираме во тоа што се случува во Бугарија, ниту пак сакаме некој да се инволвира кај нас“, одговори вчера Заев.

Тој додаде дека и нашиот Устав вели дека земјава не треба да се меша во внатрешните работи на другите земји. Тоа, нагласи тој, го кажува и Договорот за добрососедство, пријателство и соработка каде  исто така е преземена обврска за немешање во внатрешните работи на Бугарија.

Заев истакна дека и барањето од Бугарија за вметнување на бугарската етничка група во нашиот устав не го доживува како мешање во нашите внатрешни работи. Тоа, рече тој, е право на секоја земја да побара, како што е наше право да одлучиме дали ќе го направиме тоа.

„Исто така, право на Бугарија е, како што е наше право овде, дали ќе излезе во пресрет на Декларацијата која што ја објавуваат тамошни граѓани, граѓани на Република Бугарија за одредени свои ставови или сугестии. Ако навистина сакаме да бидеме Европејци, треба на европски начин да ги разгледуваме работите. Ако сакаме да се вратиме кон она дека ни сме центарот на светот и се се врти околу нас и ние сме најважните на свет, притоа не почитувајќи ги сите соседи, остатокот од светот, тоа е друго прашање“, рече Заев.