Орце Камчев летово може да оди на море
Исто како и пред две години, бизнисменот Орце Камчев заедно со ракометарите на „Вардар“ ја прославија европската титула во Келн. И во 2017-та година кога „Вардар“ ја освои првата титула, и во неделата, Камчев заедно со ракометарите и својот близок пријател Сергеј Самсоненко добија златен медал. Но, годинава јавноста остана шокирана кога го виде бизнисменот, со црно бејзбол капче и брада позади капитенот на скопскиот клуб, Стојанче Стоилов бидејќи речиси никој не знаше како заминал надвор од земјава со оглед на тоа дека судот му го зеде пасошот како осомничен во случајот „Империја“. Овој случај го отвори Специјалното јавно обвинителство и требаше да ја сруши „империјата“ од фирми на Камчев кои ги стекна поради неговата блискост со минатата власт. Неговото појавување во Келн откри дека судот му го вратил пасошот на шест месеци и летово тој може да оди и некаде на море.
Официјално од институциите нема прецизен одговор кога и зошто на Камчев му го вратиле пасошот. Судијката која одлучувала, Весна Димишкова била на одмор и официјален одговор од Кривичниот суд се очекува денеска. Според нашите неофицијални информации, на Камчев му го вратиле пасошот пред еден месец. Министерството за внатрешни работи му издало времен пасош од шест месеци, со решение од судот и одобрение на Специјалното јавно обвинителство.
„СЈО имаше дадено одобрение, но не е известено од Судот, го нема добиено решението и немаше информација дека тој има добиено пасош“, велат од СЈО.
Сепак Судот ја донел одлуката со согласност на Специјалното јавно обвинителство. Од судот брифираат дека, во вакви случаи кога обвинителот предлага или се согласува со поблага мерка, судот не може таквиот предлог да го одбие односно да го игнорира. Законот го обврзува да ја изрече секогаш поблагата мерка. Сега Камчев има мерки за претпазливост, односно треба повремено да се јавува во суд. Неофицијално одобрението да му биде вратен пасошот на Камчев било одлука на Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.
Истрагата за случајот „Империја“ е во мирување и се уште нема поднесено обвинение. Додека се чека власта и опозицијата да го договорат новото законско решение за Законот за јавно обвинителство, со којшто треба да се реши идниот статус на Специјалното јавно обвинителство, СЈО им ги враќа пасошите на дел од осомничените. Според неофицијални информации, СЈО му го вратило пасошот на шест месеци и на друг обвинет во „Империја“, сопственикот на „Пелистерка“, Цветан Панделески и на осомничениот Томе Главчев кој беше осомничен во случајот „Поштенска банка“.Тој е сопственик на текстилната компанија „Ноел“ од Гевгелија .
Дел од спортските натпревари Камчев порано ги следеше со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и со поранешниот прв човек на МПМ, Срѓан Керим. Камчев и Мијалков беа уапсени лани во ноември откако Никола Груевски избега од земјава, а по помалку од два месеца беа пуштени во домашен притвор откако понудија парична гаранција – Мијалков од еден милион евра, а Камчев рекордни 14 милиони евра. Мијалков потоа доби притвор за случајот „Титаник 2“, но веднаш по одржувањето на претседатеслките избори беше пуштен да се брани од слобода. Според последните официјални информации, Мијалков излезе од куќен притвор и засега пасошот му е во суд.
Освен нив, во случајот „Империја“ осомничени се и Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.Се товарат за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари.
Специјалното јавно обвинителство ја разоткри бизнис-империјата на двајцата моќници, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кои ја имаа купено половина Македонија. Од она што го објавија од СЈО, сепак почетокот и крајот на матните бизниси, кои се создавале цела деценија, тешко можат да се најдат и да се објаснат. Најкраткиот заклучок што може да се извлече е дека „Империјата“ била изградена со мрежа од офшор-фирми што ги формирал Камчев, кој бил мозокот за комлицираните трансакции, додека моќникот зад нив бил Мијалков.
Камчев излезе на слобода со одлука на Врховниот суд на почетокот на март, откако највисокиот суд донесе правно мислење според кое СЈО е ненадлежно да покренува обвиненија и да води истраги по 30 јуни 2017 година, односно 18 месеци по добивањето на прислушуваните материјали од СДСМ.Токму случајот „Империја“, беше отворен по спорниот рок, а СЈО тврдеше дека дел од доказите биле преземени од редовното јавно обвинителство и рокот од 18 месеци не бил пречекорен.
Фросина Факова – Серафиновиќ