Орце Ѓорѓиевски ветува: Кај мене ќе се вреднува работата, без оглед кој од која партија доаѓа
Скопје нема да биде само чисто и зелено, туку ќе биде и „паметно“, најавува Ѓорѓиевски

Сите вработувања ќе бидат според заслугите, и партиските членови ќе мораат да работат, дивоградбите нема да се толерираат и ќе се бара Градот Скопје да има градежна инспекција, нема да се бара алиби во (не)надлежноста, тимот на градоначалникот ќе работи про боно и нема да ги чини ништо граѓаните, главна цел ќе биде хуманизацијата на Скопје кое сега не знае кај е, а не пак да се знае каде оди.
Вака кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, ја престави својата програма на првата прес-конференција од почетокот на кампањата за локалните избори. Од сите овие најави, како приоритет сепак ги издвои хигиената и чистотата во главниот град.
„Ветив дека во првите 72 часа откако ќе го преземам местото градоначалник на Скопје ќе започнеме со активност каде ќе се вклучат сите општини. И за 72 часа, Скопје ќе блесне. Тоа е она што нѐ мачи изминатиот период и изминатите години. Скопјани заслужуваат чист град“, рече Ѓорѓиевски.
Зборувајќи за загаденоста на воздухот, тој не сакаше да посочи виновници од една или друга партија туку за се го обвини – системот.
“Визија за Скопје значи да знаеме во каква извесност живееме. Сега не само што нема извесност туку има хаос“, рече Ѓорѓиевски додавајќи дека кога ќе се среди системот, граѓаните нема да диѓат загаден воздух, нема да чекаат со часови автобуси на ЈСП, нема да има отпад околу контејнерите и слични проблеми.
Во тие рамки тој најави дека ќе прави притисок по изборите да се донесе законот за смена на градоначалниците, закон за комунална полиција, новиот ГУП, да се врати градскиот архитект (не му беше јасно зошто воопшто некој го укинал) и Град Скопје да добие градежна инспекција за да не се повикува дека не е надлежен за дивоградбите. Иако директно не најави уривање на дивоградби, тој рече дека „не може законот да важи за едни, а за други не“ и дека толеранција околу тоа прашање нема да има – како што впрочем велат сите кандидати за градоначалници, а велеа и претходните.
Најкатегоричен тој беше околу тоа дали ќе обезбеди соработка и рамномерен развој на општините во Скопје и како ќе се однесува кон тие што се веќе во Град Скопје.
„Ќе има мерит систем за вработените. Ако биде спротивно тука пред вас ќе поднесам оставка. Секој ќе оди на работа и ќе ги извршува обврските. Кај мене единствено ќе се вреднува работниот ангажман“, рече Ѓорѓиевски посочувајќи дека вработените во градската администрација и комуналните претпријатија имаат солидни плати и треба да бидат мотивирани да работат.
Околу другите општини тој посочи дека и досега како градоначалник на Кисела Вода обезбедил подеднаков развој за сите делови и дека тоа ќе го прави и со општините остварувајќи подеднакво проекти во сите нив. Притоа спомена изградба на Луна Паркот, нов крак на жичницата на Водно и други проекти со ограда дека сепак најпрво ќе се фокусира на суштинските проблеми за да се хуманизира градот, а подоцна на претворање на Скопје во модерна европска престолнина.
„Состојбите во Град Скопје се мотив за, од ваква руинирана состојба да направиме нешто на што сите ќе се гордееме. Имам одлична советничка листа, имам експерти, домашни и меѓународни, за секој од столбовите со ветувања да се реализира. Јас сум спремен да не се штедам и до последен атом да се вложам“, рече Ѓорѓиевски и порача дека сака да биде обединувач, а не да создава поделби:
„Дел од тие луѓе можеби ќе бидат вклучени во мојот тим, можеби дел од нивните идеи од програмите ќе бидат реализирани од нас. Не правам поделби. Сакам да победувам и да работам“.
Тој рече дека како градоначалник ќе биде целосно транспарентен за секој чекор и за секој проект и дека неговата програма се темели на седум стролба: 1. Одржлив урбан развој во следните 20 години; 2. Здрава животна средина, 3.Целосна комунална обнова на градот; 4. Враќање на културниот идентитет на Скопје; 5. Дигитална трансформација и паметни решенија; 6. Скопје – град на младите и науката и 7. Јакнење на јавната грижа и безбедноста. Како што рече, од седумте столбови ќе произлезат стотици проекти, „речиси по еден за секој ден од годината“.
Тој нагласи дека сите модерни европски главни градови имаат долгорочни планови, а треба да има и Скопје.
„Виена има и визија за 50 години однапред. Зошто да не може и Скопје? Нашиот град заслужува да размислува и да планира на исто ниво. До 2045 година ја гледам метрополата Скопје како град што дише преку своите зелени коридори. Како град што се движи преку еколошки и интегрирани транспортни решенија. Како град што живее преку јавни простори што повторно им припаѓаат на граѓаните. Ова не е само план за градба – ова е модел на ново живеење, по мерка на луѓето“, рече тој.
Ѓорѓиевски најави дека ќе формира меѓународен борд на светски експерти и ќе соработува со универзитети во Торино, Солун, Љубљана и други. Заедно со локални експерти, избрани на јавен конкурс, најави дека ќе изработи сеопфатен 20-годишен план „Визија за Скопје 25/45“.
„ Оваа визија ќе ги интегрира урбанизмот, мобилноста, зелената инфраструктура, енергетската ефикасност, управувањето со ресурси, социјалната инклузија и заштитата на културното наследство. Ќе создадеме град што е отпорен, конкурентен и здрав – усогласен со климатските цели и европските стандарди за квалитет на живеење. Но за тоа да успее, ни треба силна институционална рамка. Затоа ќе формираме Совет за урбан развој, составен од врвни архитекти, инженери, експерти и претставници на граѓанскиот сектор. Тој Совет ќе биде гаранција дека ќе имаме европски стандарди во урбанизмот, транспарентност и јавна отчетност“, рече Ѓорѓиевски.
Тој најави и ново јавно претпријатие – Урбан Центар Скопје кое ќе ги изработува планските документи професионално и транспарентно.
„Новиот Генерален урбанистички план ќе се донесе врз основа на оваа визија и ќе ги постави темелите за долгорочен и европски ориентиран развој. Секој детаљ ќе мора да произлегува од тој концепт – за да ставиме крај на хаосот со неконтролирано и штетно градење. Ова не е далечна фантазија. Ова е почеток на нова урбана ера. Скопје конечно ќе добие ред, хармонија и достоинствен изглед на европска метропола“, ветува Ѓорѓиевски.
Тој реќе дека има план за чист воздух, за современ третман на отпадот и за конечно решение за депонијата Дрисла. Изградба и обнова на паркови, прочистување на реката Вардар и на другите градски реки. Довршување на булевари, нови улици, мостови, катни гаражи, клучки и кружни текови. Нови културни центри, поддршка за младите уметници и враќање на јавните простори за култура. Скопје, додаде тој, мора да стане паметен град – со дигитални услуги достапни за секој граѓанин, со технологија што го олеснува животот и со иновации што ја движат економијата напред.
Поддршка за стартапи, иновациски центри, стипендии, меѓународни партнерства. Скопје мора да биде сигурност за секој човек. Социјални програми за најранливите, достапна здравствена поддршка, силна противпожарна и спасувачка служба, ред во јавниот превоз и безбедни маала за сите генерации.
„ Ова не е список на празни ветувања. Ова е визија што ќе го претвори Скопје во современ, зелен, дигитален и хуман град. Зад оваа визија стојат експерти, професори и практичари – но пред сè, граѓаните. Јас не ветувам невозможни работи. Ветувам работа, одговорност и континуитет. Ветувам визија што ќе го направи Скопје град на ред, на зелени јавни простори, на модерна инфраструктура и на квалитетен живот за сите генерации. Заедно ќе го изградиме Скопје кое ќе го сакаме, ќе го чуваме и во кое секој ќе има свое место. Најдоброто допрва доаѓа“, вети Ѓорѓиевски.
Инаку, ВМРО-ДПМНЕ ја стартува кампањата со митинг во Скопје. Вечерва во 19 часот, во Спортскиот центар „Јане Сандански“, партијата го одржува почетниот собир. Говорници ќе бидат претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кандидатот за градоначалник на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски и носителот на листата на советници за Град Скопје Даме Димитровски.