Орце Ѓорѓиевски – уште еден политиколог во трката за градоначалник на Скопје
Орце Ѓорѓиевски е најтврд политички кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Ги има поминато сите скалила во партијата од раната младост
Aктуелниот градоначалник на скопска Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој е кандидат за градоначалник на Град Скопје на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, оди во второт круг за избор на нов градоначалник на Скопје заедно со Амар Мециновиќ од Левица.
Кој е Ѓорѓиевски?
Ѓорѓиевски е роден 1987 година. Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје, на Одделот за политички студии. Магистрирал во областа на менаџмент на човечки ресурски. Активно зборува англиски јазик.
Ѓорѓиевски има работно искуство во приватниот сектор, но поактивен е во политичкиот ангажман.

Член на ВМРО-ДПМНЕ од 2005 година, а својата партиска кариера ја започнал како претседател на Местен комитет на Унијата на на млади сили (УМС). Подоцна станал член на Општинскиот комитет) на УМС Кисела Вода, од каде што во 2008 година станала претседател на УМС ОК Кисела Вода и член на Централниот комитет (ЦК) на ВМРО-ДПМНЕ.
Во периодот 2013-2016 година бил член на Извршниот комитет (ИК) на УМС ВМРО-ДПМНЕ, во 2015 година бил назначен и за потпретседател на УМС, а во 2016 година станал претседател на ОК Кисела Вода.
Во 2018 година станал член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
На локалните избори во 2017 година беше избран за член на Советот на Општина Кисела Вода.
Градоначалник на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС
На следните локални избори, во октомври 2021 година, стана градоначалник на Општина Кисела Вода. Кога Орце Ѓорѓиевски во ноември 2021 година ја презеде функцијата градоначалник на Кисела Вода, се претстави како реформатор ветувајќи нови градинки, монтажни паркинзи, поликлиника и „рај“ за млади семејства во неговата општина. Неговиот имиџ на човек од народот, кој на почетокот на мандатот одеше по улички низ Кисела Вода и по принципот „лице во лице“ ги решаваше проблемите на своите сограѓани, а во ноќните часови, заедно со службите расчистуваше снег од уличките на Водно. Почетокот на мандатот му беше одбележан и со неколку скандали каде во 2022 година, опозицијата објави дека општината склучила десетина авторски договори со роднини и партиски симпатизери на вкупна вредност над два милиони денари.

Во јули 2023 година уште поголем одек имаше блокадата на депонијата „Дрисла“. Откако камионите од Кисела Вода не добија дозвола за влез и го истурија сметот пред капијата, Град Скопје издаде прекршочен налог од 90.000 евра. Наместо да отстапи, Ѓорѓиевски обвини за „политичка одмазда“ и влезе во јавна војна со градоначалничката Данела Арсовска. Оттогаш дуелот Арсовска–Ѓорѓиевски прерасна во хроничен извор на насловни страници: од поделбата на „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ — каде министерот Златко Перински ѝ даде право на Арсовска — до меѓусебните укори за загадувањето од цементарницата „Усје“.
Контроверзиите продолжија и годинава. На 16 јуни 2025 Арсовска јавно го прозва својот колега да објасни дали бил вклучен во „експертски тим“ што наводно одобрил доградби на пазарот во Драчево, за кои веќе има кривична пријава. Само еден ден подоцна, таа повторно го нападна, тврдејќи дека „се крие зад надлежности“ кога станува збор за контролата на емисиите од „Усје“. Ѓорѓиевски молчи за конкретната пријава и се правда дека лиценците се на министерството, а општината има ограничени инструменти.

Ѓорѓиевски стана и претседател на ЗЕЛС на местото на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Вообичаено, претседател на ЗЕЛС е градоначалникот на Скопје. Но, другите градоначалници, членови на ова тело, ѝ забележаа на Арсовска дека имало „проблеми со полагањето на директорските испити, уличното осветлување, распределбата на вкупниот буџет како и непоставувањето на критериуми и механизми за распределба на парите за капитални инвестиции кои во моментот се распределуваат по желба на министрите, а не на граѓаните“.
На предлог на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ, членови на ЗЕЛС, со поддршка на другите градоначалници Ѓорѓиевски седна во претседателското столче на ЗЕЛС. (Б.Б.)