Орбан: Кинески пари не можеме да даваме, даваме европски
Одвојувањето на Албанија од Македонија околу преговорите за членство унгарскиот премиер го нарече огромна грешка на Унијата
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес на прес-конференцијата со премиерот Христијан Мицкоски негираше дека заемот што и го даде на Македонија има кинеско потекло, и место тоа тврдеше дека може да ни дава пари дојдени – само од Европа.
„Кинески заем, конески пари не можеме да даваме бидејќи имаме договор со Кина и тие одат на конкретни проекти за развој. Европски пари имаме и тие ќе ви ги даваме“, порача Орбан на прес-конференцијата во Охрид, по средбата на двете меѓувладини делегации.
Индиректно тој убедуваше дека главната мотивација на финансиската помош што Будимпешта ѝ ја дава на Македонија, како заемот од половина милијарда евра, е поврзана со потребите на Унгарија Македонија да биде стабилна и способна како држава да се справи со имиграцијата. Во тој контекст тој навести дека и натаму ќе има финансиска помош од Будимпешта за нашата држава, без да навести кога, колку и во каква форма.
Лично, Орбан инсистираше дека главна тема за која разговарал во Скопје со премиерот Христијан Мицкоски била евроинтеграцијата на земјата и дека, иако е дојден со владина делегација, тука е и како претседавач на Европската унија. Според него огромна, па и историска грешка на ЕУ е што ја одвои Македонија од Албанија во евроингративниот процес, без да одговори конкретно зошто и унгарскиот преставник во Брисел гласал за таа одлука.
Оценувајќи го притоа како некоректно ставањето во втор план на евроинтеграцијата на Западниот Балкан во однос на Украина и Молдавија, тој рече дека сака да го забрза процесот на преговори на нашата држава така што ќе организира меѓувладина конференција, а ако не може, ќе помага да се решат билатералните прашања.
„Земјите во регионот на Западен Балкан одамна требаше да бидат членки на ЕУ. Македонија е кандидат за членство од 2005, од кога беше и Хрватска, а таа е членка, Македонија не. Ова е огромна историска грешка на ЕУ, а сега и двојно поголема зошто Северна Македонија ќе биде одвоена од Албанија, за што не гледам никаква причина“, рече Орбан.
Запрашан како ќе помогне конкретно, унгарскиот премиер соопшти дека дошол со предлог за решение и дека е подготвен да посредува, а сега останува на Македонија и на Бугарија да решат дали го сакаат тоа.
„Следниот чекор е, на некој начин, да се спогодат со Бугарија, а јас за тоа имам предлог што му го пренесов на премиерот Мицкоски. Му кажав дека сме подготвени да го искористиме претседавањето со Европската унија и да посредуваме во ова прашање“, рече Орбан.
Тој се надева дека ќе помогне да се најде решение кое ќе ги задоволи и двете држави, но не откри детали околу предлогот ниту дали има поддршка за тоа од премиерот.
„Одвојувањето од Албанија е тешко да се разбере од страна на нација која постојано беше залажувана со почнување на преговорите, за да сите почнат преговори – а таа да се држи настрана. За секоја нација гордоста е најважна, а ова е повреда на националната гордост, и тоа постојано се случува изминатите години. Тоа не е чесно. Вие одамна требаше да бидете земја членка на ЕУ. Ние во ЕУ треба да градиме пријателство со државите, а не да правиме рани на душата на една нација. Затоа велам голема грешка е одвојувањето на Албанија и решението го гледам во тоа до крајот на годинава и Северна Македонија да продолжи со преговорите за членство“, порача Орбан.
Тој повтори дека сака да помогне во процесот на зачленување на Македонија во ЕУ, дека имаат свои позитивни и негативни искуства од членството, но генерално членството во ЕУ го оцени како корисно за секоја земја. Притоа соопшти дека побарал од премиерот Мицкоски неговата влада да посочи на каков начин можат да ѝ помогнат на државата во евроинтеграцијата и дека еден од начините вклучува и финансиска поддршка.
„Унгарија располага со свои средства кои може да ги вложи, но Македонија е на Македонците, и затоа македонската влада треба да каже каде ѝ е потребна таа помош и во каква форма“, рече Орбан, па го повика Мицкоски со владина делегација да ја посети Унгарија, иако претходно соопшти дека досега имале 18 меѓусебни средби и дека трипати престојувал во нашата држава.
„Ве чекаме премиере во Унгарија“, повика Орбан, нагласувајќи дека годинава се заокружуваат 30-години од воспоставувањето на меѓусебните односи што двајцата ги оценија како одлични, пријателски, а Мицкоски и стратешки. Според Орбан не е тајна дека ВМРО-ДПМНЕ и Фидес беа братски партии во ЕПП, но порача дека тој не ги меша никогаш партиските со државните работи, но добро е кога две братски партии се на власт во две држави.
Но, на прашањето дали Мицкоски е предупреден од ЕПП, каде што е ВМРО-ДПМНЕ член, за засиленото зближување со Орбан, кој беше избркан од ова политичко семејство во Брисел, Мицкоски рече дека и во минатото бил сведок на таков тип на реторика, кога екс-премиерот Зоран Заев како социјалист со Бојко Борисов се обраќале еден на друг како браќа (нешто што имаше тогаш повеќе национална отколку партиска конотација), па не видел тогаш реакција од ЕПП. Сепак, нагласи дека Орбан денес е тука во својство на премиер на Унгарија и претседавач на ЕУ, а не како партиски лидер.
Најголем дел од прес-конференцијата унгарскиот премиер сепак ја посвети на омилената тема – борбата против имиграцијата, јасно кажувајќи дека во Македонија гледа идеолошки партнер во тоа и дека напорот на нашата држава во 2015 и 2016 година да го запре големиот бран на мигранти бил пресуден Унгарија да ја препознае како партнер со клучна улога. Затоа, рече тој, е многу важно за нас да има успешна влада во Северна Македонија која ќе биде способна да ги сопре имигрантските бранови, нагласувајќи дека за таа цел Унгарија е подготвена да даде ѝ финансиска поддршка – порака очигледно упатена до домашната јавност со која го правдаше заемот на нашата држава, во време кога и ним им требаат и самите земаат кредити.
Тој процени дека имиграцијата како прашање ќе остане не дневен ред и наредните четири, па и повеќе децении, бидејќи се случуваат длабоки демографски прегрупирања во Северна Африка и, ако не го спречиме прелевањето, преку Средоземното Море стотици милиони мигранти можат да дојдат во Европа. Според него, ние како држава се соочивме со имиграцијата и знаеме што носи таа, но западноевропските држави не се подготвени да ги бранат своите граници, па сега има закана за прилив на мигранти за неколку години и од зад „грб“.
„Ако сакаме да го сочуваме националниот идентитет, христијанството, треба да се заштитиме. Затоа бараме партнери“, порача Орбан, посочувајќи во тој контекст на Македонија и на Србија.
Мицкоски, пак, нагласи дека Унгарија секогаш нѐ поддржувала во тешки моменти и околу евроинтеграцијата и дека е наш глас во ЕУ. Тој повика „да не се разочаруваме и да не губиме надеж“ заради одвојувањето на Албанија, а на Тирана ѝ посака брзо затворање на поглавјата и брзо членство.
„Јас жалам што се случи тоа, но ние ќе продолжиме да работиме и натаму, а ја имаме и Унгарија како пријател во ЕУ која го шири нашиот глас. Се надевам дека и ние еден ден ќе бидеме земја членка на Унијата. Од одвојувањето беа задоволни само две страни – источните соседи и опозицијата кај нас. Одлуката на ЕУ не е фер и беше погрешна за македонските граѓани. Можеби и ние еден ден како сите други ќе бидеме оценувани според Копенхашките критериуми, а не според билатералните проблеми“, рече Мицкоски.
Генерално, тој ја оцени посетата на Орбан како доказ за одличната соработка помеѓу двете земји, кои се продлабочуваат со секој изминат ден.
„Македонскиот и унгарскиот народ, македонските и унгарските граѓани ги врзува длабоко вкоренето пријателство и заемна почит. Низ годините, нашите народи покажаа дека и покрај географската оддалеченост, заедничките вредности и визии се, исто така, клучни за градење на силни односи. Унгарија секогаш нè поддржувала, како во тешките времиња, така и во напорите за нашата европска интеграција. Денес, преку конкретни иницијативи и договори, тоа пријателство продолжува да се зацврстува, создавајќи солидни основи за идната наша заедничка соработка. Историјата сведочи за нашиот заеднички стремеж кон мир, просперитет и соработка. Унгарија во минатото беше еден од првите наши партнери кој ги препозна македонските стремежи за независност и суверенитет. Со години наназад, политичките и економските врски меѓу двете земји се продлабочуваат, а денешните средби само го потврдуваат нашето стратешко сојузништво. Унгарија е не само наш партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција. Унгарија отсекогаш била силен поддржувач на проширувањето на Европската унија и на нашите аспирации за полноправно членство. Ние ја делиме заедничката визија со нашите унгарски пријатели за интегриран Балкан, каде сите земји од регионот ќе бидат дел од големото европско семејство. Оваа визија не се однесува само на политичките и економските интеграции, туку и на нашата заедничка културна и историска врска која е клучна за стабилноста на целиот Балкански Полуостров“, истакна Мицкоски.
По прес-конференцијата Мицкоски и Орбан положија цвеќе на споменикот на Светите браќа Кирил и Методиј во Охрид.