Орбан и Мицкоски договараат заедничка економска зона со Србија
Орбан покажа дека е човек со интегритет, со сопствени ставови, дека неговиот збор планини тежи и затоа ја има мојата неизмерна почит, порача Мицкоски од Будимпешта

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес на прес конференцијата со македонскиот премиер Христијан Мицкоски најави дека двете земји ќе работат на создавање заедничка економска зона во која ќе се најде и Србија. Според Орбан, проблем е што Унгарија е во ЕУ, а Македонија и Србија не се, но сметаше дека со интензивна билатерална соработка може да се постигне тоа.
Како ќе изгледа таа зона, дали ќе биде формализирана како „Отворен Балкан“ или не – не објасни во детали, а таа тема ја прескокна и премиерот Мицкоски, кој пак главно се жалеше на нефер односот на ЕУ кон нашата држава, изразувајќи надеж дека со унгарска помош – конечно ќе почнеме преговори за членство.
„Нашата стратешка цел како држава е да бидеме дел од европското семејство, нешто што го заслуживме многу одамна. Но, исто така мораме да потенцираме дека тоа што македонските граѓани го дадоа за реализирање на оваа стратешка цел, која за жал не е поместена од состојбата во која беше пред 20 години, е бесценето, односно, цената е толку голема што не може да се утврди. Бидејќи зборуваме за билатеризација на процесот на преговори, а не за европеизација. Се надевам дека конечно овој процес и за нас ќе биде откочен со голема поддршка од наша пријателска Унгарија и дека и ние како држава ќе почнеме да преговараме. Јас сум убеден дека многу скоро, доколку имаме можност да ги отпочнеме тие преговори на основа на вистински копенхашки критериуми, ќе можеме да ги завршиме успешно и да бидеме дел од ЕУ“, рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека со Орбан разговарале за целокупната поддршка што Македонија ја добива од унгарската влада, вклучувајќи ја и финансиската помош што веќе се користи во нашата земја.
„Средствата се користат за изградба на патишта, булевари, училишта, градинки. Практично, со тие средства ја модернизираме државата. Она што исто така е многу важно е дека на денешната владина седница стана збор за идна уште подлабока меѓудржавна соработка во делот на инфраструктурата, но исто така министрите за внатрешни работи и за одбрана разговараа за идна можна воена соработка односно развивање уште подлабоко на воените индустрии на двете земји, а зошто да не и вмрежување и заеднички настап на трети пазари“, рече Мицкоски.
Притоа Мицкоски искажа куп комплименти за унгарскиот премиер на кој првпат опозицијата сериозно му дише во врат, очигледно сакајќи да му даде политичка поддршка.
„Орбан покажа дека е човек со интегритет, со сопствени ставови, дека неговиот збор планини тежи и затоа ја има мојата неизмерна почит како човек кој често со своето однесување знае да инспирира. Му честитам за резултатите во полето на економијата, инвестициите и реализацијата на капиталните инвестиции во Унгарија“, рече Мицкоски, заклучувајќи дека ќе ја „води Унгарија уште долго, стабилно и посветено низ немирните води“.
Орбан од друга страна му искажа благодарност за спречувањето на имигрантите на нашата граница порачувајќи дека, колку сме поуспешни во тоа, толку повеќе и помагаме на неговата земја. Тој нагласи дека Македонија и натаму може да смета на унгарска поддршка во ЕУ, дека е срамота колку бавно оди процесот околу преговорите за членство, дека не е фер тој однос спрема нашата земја и дека одговорноста за тоа е главно на Унијата, но додаде дека за жал Унгарија сама не може да го смени тоа.
„Се разбира, ова не е фер, но не е моја работа да го искажам легитимниот македонски морален бес, тие ќе го направат тоа. Македонија не е единствената земја на Западен Балкан што е неправедно третирана од Брисел , но најголемиот чин на гадење и туркање е во случајот со Македонија. Тие ги направија билатерални преговорите за членство, односно и дозволија на секоја земја-членка да и поставува услови на Македонија. Ги префрлија тие прашања како билатерални преговори, наместо Брисел да помогне за нивно решавање.Унгарија, без да ја потценува сопствената тежина и сила, мора да признае дека не може сама да го промени ова европско однесување“, рече Орбан.
Неговиот главен фокус, покрај Украина, беше трговската размена со нашата држава, за која рече дека откако тој е на власта, од 2010 година е зголемена за седум пати.
„Северна Македонија и Унгарија припаѓаат на ист економски регион со Србија. Ние веруваме дека ова е кохезивна, обединета економска област каде соработката претставува голем економски потенцијал“, ја кажа главната порака унгарскиот птремиер.
Според него ова било причина што во Будимпешта дошла целата македонска влада (иако фалеа министри на ВЛЕН и на ЗНАМ) и дека таа економска зона може да се создаде со градење најинтензивни економски односи и соработка меѓу двете влади и поврзување на економските системи на двете држави. Притоа најави дека двете влади ќе потпишат договор за меѓувладина економска соработка.
„Она што можеме да го направиме е, како земја членка на Европската Унија, да соработуваме што е можно поблиску со Северна Македонија на финансиски, економски, културен, безбедносен и на полициски план. Ова не е замена за евроинтеграцијата, но е еквивалентно на мала интеграција. Ќе се воспостави посебен македонско-унгарски систем на односи, кој може да го забрза процесот на пристапување во ЕУ, и како што реков, ќе помогне да се создаде регион кој е остварлив, голем и силен, независен од Унијата, голема заедничка економска област на Северна Македонија, Србија и Унгарија“.
Околу Украина Орбан практично ја олеснуваше позицијата на нашата влада која по оваа средба најдиректно се постори зад администрацијата на Доналд Трамп и контра ЕУ. Според него, сега се појавила голема надеж дека може да се стави крај на војната, па ги поздрави преговорите меѓу САД и Русија за наоѓање мировно решение- како тие да се во војна, а не друга засегната страна.
„Ние се караме со државите во ЕУ, кои исто така се наши пријатели и сојузници, но кои решија да продолжи војната. Тоа е опасно и е грешно“, порача Орбан додавајќи дека само Унгарија, Словачка и Ватикан се противат на европската позиција. Притоа се пожали дека како држава „го отфрлаат диктатот на ЕУ“ и дека за тоа плаќаат казни.
Мицкоски пак повика „заедно да ја поттикнеме и поддржиме Европа да заземе поинтензивна улога во процесот на постигнување на траен и одржлив мир во Украина, преку партнерство и
сојузништво со САД, нешто што е во полза и на украинските пријатели, но и во полза
на самата Европа“.
Инаку, македонската владина делегација дојде во Будимпешта од Анталија, преку Скопје, со изнајмен авион на турка авиокомпанија, бидејќи Визер го откажа летот за Унгарија. Според информациите што ги објави „Инфомакс“ само во тој правец авионот чинел околу 150.000 евра. Колку пак платила владата за хотелските соби и за дневниците никој нема да каже. (С.Ј.)